ЗНМ: Меѓународните набљудувачи го потврдија нашиот став дека новинарската етика не може да се наметне со казни

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги поздравува првичните наоди на Меѓународната набљудувачка мисија за изборите од 11 декември во Македонија, со кои, велат од ЗНМ, јасно се констатира дека партиите не ја исполнија обврската од Пржинскиот договор за суштински реформи во медиумите.

„Меѓународните набљудувачи го потврдија ставот на ЗНМ дека новинарската етика во медиумите не може да се наметне со законски казни. Тие со право констатираа дека  националните телевизии Сител, Канал 5 и Алфа не обезбедија балансирано и непристрасно известување во своите вести. Иако рамномерно го поделиле медиумскиот простор меѓу учесниците на изборите, известувале со позитивен тон за власта, а за опозицијата најчесто со негативен, со што отворено ја поддржувале владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, регистрирана е појава кај овие национални телевизии на пренесување сомнителни информации од интернет како политички вести“, соопштуваат од ЗНМ.

Освен тоа, велат од таму, пропаднале сите обиди на медиумите да организираат дебати со сите клучни учесници во изборниот процес, поради одбивањето на кандидатите да учествуваат во нив.

„Набљудувачите со право оценија дека новото законското решение за медиумите е неефикасно поради неговата неусогласеност и нејасниот мандат на привремената комисија за следење на известувањето на медиумите сто дена пред избори. Тие наведоа дека иако Комисијата предложила 57 прекршочни постапки против медиуми за нерамномерно известување, скриена кампања на владини функционери и платено политичко рекламирање, судот се изјаснил за само два предмети и ги отфрлил како неосновани“, велат од ЗНМ.

Според ЗНМ, набљудувачите ја истакнаа и појавата на самоцензура и отсуство на уредувачка независност на медиумите, каде како причина беа наведени политичките и бизнис интереси на сопствениците на овие медиуми. Исто така, потенцираат од ЗНМ, регистриран е и случај во кој претставници на владината ДУИ заплашувале уредник на вести.