ЗНМ ја поздрави одлуката на маркетинг агенцијата да го прекине договорот со Град Скопје

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска ја поздрави одлуката на маркетинг агенцијата „Елемент ПР“ за спогодбено прекинување на договорот со Град Скопје како општествено одговорен потег. Ова доаѓа откако ЗНМ претходно алармираше за постапката на Град Скопје кој преку јавна набавка планираше да инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни телевизии и онлајн медиуми за промоција на активности на градот.

Од ЗНМ велат дека одлуката за прекинување на договорот е позитивен пример кој треба да премине во пракса.

„Да потсетиме дека на 10 септември на интернет страницата на бирото за јавни набавки беше објавено дека градот Скопје предвидува да инвестира речиси 5 милиони денари за ‘Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на градот Скопје’ преку маркетинг агенција. После објавата, ЗНМ реагираше со соопштение до јавноста бидејќи со ваквиот начин на финансирање на медиуми Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017 година“, велат од ЗНМ.

Од здружението ги повикаа и и останатите маркетинг агенции кои на овој или сличен начин работат со општини или други државни институции да ја следат ваквата пракса.