ЗНМ: Истрагата на ОЈО за изборното рекламирање да е транспарентна и неселективна

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира на објавата на Основното Јавно Обвинителство (ОЈО) во која информираат дека е отворена истрага за платеното политичко рекламирање од последните избори во дел од онлајн медиумите кои беа пријавени во Државната изборна комисија на последните избори.

Според ОЈО и објавите на медиумите за овој случај, велат од ЗНМ, се проверува документацијата во три фирми дали е надминат законскиот лимит од 15 илјади евра за рекламирање во вкупно девет портали каде ВМРО ДПМНЕ се рекламирала.

„Бараме од ОЈО со внимателност да пристапи кон понатамошната истрага со цел да не се создаде впечаток во јавноста дека истрагата е селективна само кон една политичка партија зошто во регистарот на ДИК имаше пријавено 235 онлајн медиуми со различни уредувачки политики а речиси половина од нив без објективна информација кој стои зад нив. Освен ова, истрагата треба да е транспарентна и непристрасна со цел да се избегне перцепција дека со вакви активности органите на прогонот сакаат да ги заплашат професионалните онлајн медиуми“, реагираат од ЗНМ.

Од Здружението потсетуваат дека пред усвојувањето на Изборниот законик, ЗНМ како партнер во процесот на консултациите од Министерството за правда инсистираше на укинување на праксата на платена политичка пропаганда во медиумите.

„Наместо нашите препораки, политичките партии со консензус уште повеќе ги намалија критериумите за кои онлајн медиуми можат да се пријават во ДИК за платена политичка програма. За овој ризик од корупција дозволен со Изборниот закон, ЗНМ алармираше на повеќе наврати дека претставува ризик за перење на јавни пари од страна на политички партии преку фиктивни медиуми“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Инаку, од ОЈО соопштија дека надлежен обвинител издал наредба за проверка на фирми што во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.

„Имено, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност. Во насока на утврдување на наводите од Известувањето, во текот на утрово во координација со обвинителството, МВР спроведе акција при што е одземена документација од три фирми кои ги основале предметните портали, а ќе се прибираат и докази од други релевантни институции“, стои во соопштението на ОЈО.