ЗНМ и ССНМ: Не прифаќаме легализирање на владиното рекламирање

Новинарите нема да прифатат било каква форма на владино рекламирање од сегашните разговори меѓу политичките партии, соопштија денеска Здружението на новинарите на Македонија и новинарскиот синдикат.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани изјави дека постојат информации дека на маса пред партиите е некој вид на легализирање на владините реклами, со можност во некое догледно време да се укинат.

„Ако веќе политичките партии меѓу себе дошле до таква согласност дека владините реклами треба да се прекинат, тогаш ние им сугерираме тоа да го напраат веднаш, не со одлагање, затоа што влијанието и штетата што овие владини реклами ја имаат врз слободата на медиумите е многу големо. Ние сме уверени, дека една од главните причини за контролираните медиуми и непрофесионалните медиуми во Македонија е токму владиното рекламирање со кое Владата со пари на јавноста ги корумпира медиумите“, рече Селмани.

Тој го повика посредникот Ванхауте, да не дозволи со негов потпис и со амин на Европската унија и САД, да се легитимираат предлози и решенија кои во македонската јавност ќе создадат погрешна слика дека нешто се менува, а во суштина се ќе остане исто.

„И Европската унија и САД имаат огромна одговорност да истраат во нивните напори, со цел од овие преговори да добиеме квалитетни решенија, кои ќе имаат реални промени и ќе предизвикаат реални промени во медиумите во Македонија“, додаде Селмани.

Претседателката на синдикатот на новинарите, Тамара Чаусидис истакна дека на новинарите им е одземено новинарството, а на јавноста и се одземени медиумите.

„Фактот дека преговорите запнуваат кај рекламите за кои имаме информации дека сега се случува говори каде лежи зајакот, каде лежи интересот на оние кои се претставуваат како заштитници на јавниот интерес. Во парите. Тие не размислуваат ниту за јавниот интерес, ниту за нашите новинарски работи и стандарди, не тераат да бидеме грабливци на гласови и на потрошувачи во интерес на парите и на бизнисот. Јавноста во македонија тоа не го заслужува, но и новинарите во Македонија тоа не го заслужуваат“, рече Чаусидис.

Според неа, станува збор за клиентелистички однос и доколку тој се легализира како закон за реклами, тој не може да биде ништо друго освен легализирање на клиентелизмот, каде медиумите се претворени во бизнис за продавање на гласови и за продавање на публика.