Два дена откако новинарот Бранко Тричковски објави дека непознати сторители му го запалиле џипот, Здружението на новинари на Македонија излезе со реакција и осуда на насилниот чин.
„ЗНМ најостро го осудува палењето на возилото на новинарот Бранко Тричковски и бара надлежните државни институции веднаш да ги најдат сторителите и најостро да ги казнат.
Уништување на имотот на новинарот Тричковски има за цел да внесе страв и несигурност меѓу новинарите. Овој вандалски чин насочен кон колегата Тричковски е продожување на политиката на неказнување на насилстовото против новинарите.
ЗНМ од 2011 година до сега регистрираше 17 инциденти во кој новинарите се жртви и досега ниеден од нив нема судска разрешница.
Ова несанкционирање само ги охрабрува напаѓачите да продолжат со ваквото однесување и надлежните институции ги става во улога на соучесник.
Дали е потребно да се загрози животот на некој новинар, надлежните институции сериозно да ги сфатат овие закани. Во Македонија слободата на изразување е загарантирана со Устав а надлежните институции се должни да го заштитат ова право“, стои во соопштението на ЗНМ.