ЗНМ го осуди насилството врз новинарите кои ги следат протестите

Здружението на новинарите на Македонија „најостро го осудува насилството врз новинарите од полицијата и насилните демонстранти во Скопје“.

„Насилството против новинарите е неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да се информира за настани од јавен интерес. Поразително е за македонската демократија кога полицијата тепа новинари на протести место да им обезбеди услови за непречена работа. Да се истура граѓанското незадоволство на протести врз новинарите е чин на кукавичлaк и примитивизам“, стои во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ бара МВР, обвинителството и судовите да ги открие и казнува насилниците. Ако брзо не се расветлат овие напади во јавноста ќе се создаде сомнеж дека институциите свесно толерираат насилно против новинари.

„Предупредуваме дека ваквото неодговорно однесување на институциите може да поттикне уште посериозни напади против новинарите со трагични последици“, велат од ЗНМ.

Здружението ги повикува медиумите – протестите да ги покриваат со искусни и обучени новинари, видно означени со потребни легитимации.