ЗНМ ги награди најдобрите фотографии од бегалскиот бран

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Американската амбасада во Скопје, Канцеларијата на УНХЦР и Македонското здружение на млади правници, во петокот на пригодна свеченост во Музејот на Македонија во Скопје ги додели наградите за најдобра фотографија на тема бегалскиот бран во 2015 година во Македонија.

Првата награда за најдобра фотографија ја освои Маја Златевска од весникот „Дневник“, втората му припадна на Огнен Теофиловски од весникот „Вест“ додека третата награда ја освои Ѓорѓи Личовски од порталот „Сакам да кажам“.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во поздравниот говор им честиташе на наградените и им се заблагодари на сите оние што учествуваа на конкурсот. Селмани рече дека бегалскиот бран беше тест за етично известување на македонските фоторепортери, кои од првиот ден ја следеа бегалската криза известувајќи за домашни и странски медиуми.

„Преку нивните фотографии ние ја свативме тешката судбина на овие очајници. Мигрантите беа претставени во вистинско светло, единстевно како жртви на безсмислените војни. Пред нивните фотографии ниедно човечко битие не може да остане рамнодушно на страдањето на бегалците“, рече Селмани.

Тој додаде ека преку давање признанија на професионалните фоторепортери се зајакнува единството во новинарската заедница.  „Сакам да повикам да останеме сплотени затоа што заедно можеме полесно да се справуваме со заедничките предизвици, како што е ескалацијата на нападите против новинарите, фоторепортетите и снимателите“, рече Селмани.

Лаура Браун, одговорен лице за односи со јавност во Американската амбасада рече дека безбедноста на новинарите е многу важна за да можат тие да ја исполнат нивната мисија. „Ние во САД веруваме дека работата на новинарите  е многу важна, посебено за време на кризи, како што беше бегалската и политилчката криза во Македонија“, истакна Браун.

Таа ја пофали храброста и професионалниот однос на фоторепортерите затоа што со нивната работа придонесуваат кон пренесување на хуманата димензија на бегалската криза.

Претставникот на УНХЦР во Скопје, Тихомир Николовски, рече дека преку сликите на фоторепортерите се слуша гласот на бегалците.

Нита Чаволи, претставник на Македонското здружение на млади правници рече дека сликата е најпродорен канал за комуникација,  затоа што, преку неа се пренесуваат страдањето на бегалците и се развива чувство на солидарност и сочувство.

По доделувањето на наградите, во Музејот се одржа и изложба каде беа претставени 50 најдобри фотографии од 20 фотортепортери кои учествуваа на конкурсот.

Оваа активност на ЗНМ е дел од проектот поддржан од амбасадата на САД, посветен на македонските фоторепортери,  во чии рамки беше изготвен и Прирачник за безбедноста на фоторепортерите и за професионалната етика.