ЗНМ бележи негативни трендови во Извештајот за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите

Бројот на напади кон новинари и медиумски работници во 2022 година беше зголемен, а дополнително загрижува фактот што медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи. Ова е една од поентите која ја посочи Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во контекст на годишниот Извештај за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите.

Оттаму посочуваат дека неказнивоста сѐ уште е голем проблем и дека особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на двојно зголемениот број на судските постапки за клевета и навреда споредбено со годината пред тоа.

„Според регистарот на ЗНМ, од почетокот на 2022-ра година регистрирани се вкупно седум напади и груби закани кон новинари. Во споредба со минатата година, кога беа регистрирани вкупно пет, оваа година бележиме повторен пораст на нападите и заканите кон новинари и медиумски работници. Со дел од надлежните институции во извештајот се констатира подготвеност за соработка во насока на унапредување на безбедноста на медиумските работници а доказ за тоа се и измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, а на почетокот на оваа година се изгласаа и измените на Кривичниот законик и двата закони се веќе стапени на сила“, велат од ЗНМ.

По неколкугодишно инсистирање, од ЗНМ велат дека Основното јавно обвинителство Скопје, во октомври минатата година назначило јавен обвинител од истата институција, како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на ОЈО Скопје. На почетокот на 2023 година, од ЗНМ потсетија дека и МВР назначило контакт лице за постапување на предметите поврзани со безбедноста на новинарите и медиумските работници посебно за за закани на интернет.

„Надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци, покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани“, велат од ЗНМ.

Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија е  изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, а финансиран од Европската комисија. Извештајот е достапен на следниов ЛИНК.