ЗНМ бара посебно одделение во обвинителството за решавање на напади кон новинари

Поголема проактивност при нападите на новинари и медиумски работници, како и формирање посебно одделение во јавното обвинителство за овој тип случаи, побараа претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Како што известија од ЗНМ, на средбата биле отворени повеќе прашања поврзани со подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници и како Основното јавно обвинителство да биде повеќе активно во гонење на оние кои се закануваат на новинарите и ги повредуваат нивните права.

„Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот  на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите“, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Од ЗНМ дале и конкретен предлог за формирање на посебно одделение во обвинителството за гонење на напади кон новинари и медиумски работници.

„Задачата на ова посебно одделение е да ги истражи не само повредите на правата на новинарите од оваа година, туку и постарите случаи, бидејќи само на тој начин ќе се подобри негативната пракса на неказнивост која во моментов е присутна“, истакна директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

ЗНМ пренесува и дека обвинителот Јовески истакнал дека Јавното обвинителство во следниот период ќе се заложи да ги провери случаите кои ги има регистрирано ЗНМ за напади кон новинари и ќе се разговара интерно за барањето за формирање на посебно одделение.

Адвокатот Филип Медарски во својство на правен застапник на ЗНМ за случајот со нелегално прислушкување на новинари, побарал од државниот јавен обвинител помош во обезбедување на докази, дека телефонските броеви кои ги користеле новинарите критичниот период биле предмет на неовластено прислушкување. Оваа поддршка од ОЈО за оваа постапка е нужна во насока на дополнително аргументирање на тужбата во име на новинарите на кои им се прекршени нивните права во овој случај.