ЗНМ бара помош од Народниот правобранител за Кежаровски

ЗНМ бара помош од Народниот правобранител за КежаровскиЗдружението на новинарите на Македонија е загрижено за тешката психичка состојба која ја има новинарот Томислав Кежаровски но и на тешките затворски услови за што сведочат и јавните изјави на неговата сопруга, рече денеска претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„Стравуваме дека условите на кои е изложен Кежаровски се одразуваат лошо на неговото здравје. Од овие причини бараме Народниот правобранител да го искористи неговиот авторитет но и функцијата која ја застапувате и во најитно време да го посети Кежаровски со цел да се увери дали условите во кои е сместен се пред се човечки. Доколку навистина тој е сместен во најлошиот дел од затворот каде нема пристојни услови го молиме да направи се што е во негова моќ Кежаровски да биде преместен во дел каде што има нормални услови за престој и на тој начин да се обидеме да ја одржиме неговата психо-физичка состојба“, рече Селмани.

Според ЗНМ, со овој гест Народниот правобранител ќе покаже на јавноста дека не само што се грижи за новинарот кој е во затвор поради напишан текст, туку и воопшто дека покажува грижа за слободата на медиумите во нашата земја.

Народниот правобранител Иџет Мемети истакна дека тие оствариле средба со сопругата на Кежаровски и дека тој е посетуван повеќе пати во затворот.

„Институцијата Народен правобранител е загрижена во однос на општите состојби во нашето општество, конкретно по однос на делбите што постојат од секаков аспект, па и од новинарската фела“, рече Мемети.

Во мај годинава беше притворен новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски под обвинение дека во 2008 година објавил текст во магазинот „Репортер 92“ со кој го открил идентитетот на заштитен сведок во случај за убиство. При тоа истражниот судија му одредува мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката притвор на 28 август беше продолжена со нови 30 дена со објаснување дека Кежаровски може да ја напушти земјата.

Продолженото држење во притвор на Кежаровски беше осудено од повеќе меѓународни организации меѓу кои и ОБСЕ, Репортери без граници, Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и нејзиниот европски отсек Европската федерација на новинари (EFJ).

„Оваа судска одлука несомнено предизвикува сериозна штета на угледот на нашата земја во светот и ја прави Македонија да биде единствена земја со новинар во затвор поради напишан текст“, велат од ЗНМ.