Знамето – симбол на борбата за ЛГБТ права е нова поштенска марка на Шведска

Виножитото на гордоста, глобален симбол на движењата за права на лезбијките, хомосексуалците, бисексуалците и трасполовите личности, од наредниот месец ќе биде една од поштенските марки во Шведска.

ПостНорд, шведско-данската поштенска служба, се верува дека е првата компанија во светот која го претвора ова знаме во марка.

Фирмата најави денес дека сакаат да го промовираат диверзитетот на „модерната Шведска“ со овој потег. Марките ќе бидат пуштени во продажба од 4 мај.

„Преку издавање на марка со знамето на гордоста, сакаме да ставиме акцент на еднаквата вредност на сите луѓе и силата која ја претставуваат нивните уникатни квалитети и различности“, вели Пер Љунгберг, директор на комуникации во ПостНорд Шведска.

„Според она што го знаеме, ова е прв пат знамето да се репродуцира како поштенска марка, што прави да биде особено пријатно што луѓето сега ќе можат да праќаат поздрави со него до сите страни на светот“, додава.

Шведска има репутација како една од најтолерантните земји на светот кога станува збор за сексуалната ориентација.

Знамето на гордоста беше прв пат претставено на Сан Франциско Прајд фестивалот во 1978 година. Создадено е од уметникот и активист Гилберт Бејкер, а неговите бои симболизираат повеќе нешта. На пример, зелената означува природа, портокаловата исцелување, а виолетовата става акцент на спиритуелноста.

Извор: The Local