По веста дека главната медицинска сестра и уште две сестри од Клиниката за инфективни болести дале отказ, со реакција се јавија од Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и ттоматолошки сестри. Тие потсетуваат на потребата од Закон кој ќе ја регулира професијата на медицинските сестри.
„Она што загрижува е што јавноста и сите политички чинители овие проблеми ги согледуваат само на краток рок, во моментот кога се најинтензивни, наспроти нашите долгогодишни заложби, апели, предлози и правно формулирање за унапредување на сестринската дејност во согласност со европските директиви“, велат од Здружението.
„Медицинските сестри се исцрпени, максимално пожртвувани, а во исто време и заборавени од системот“, додаваат во нивната реакција.
Трите медицински сестри кои поднеле отказ утрово се сретнаа со министерот Венко Филипче, кој пак најави дека повторно ќе има средба со нив по одморот.
„За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници“, рече Филипче.
Од Здружението, пак, велат дека со Законот за сестринска дејност бараат да се покачат коефициентите за плата, но и да ги вклучи во креирањето на здравствените политики почнувајки од образовниот процес на овој кадар, преку праксата.
„Лиценцата за работа е уште еден голем недостаток кој со себе повлекува низа проблеми поврзани со значењето на квалитетен и задоволен кадар. Во време кога многу одамна сите високообразовни, но и многу занаетчиски професии поседуваат лиценци за работа, апсурдно и недозволиво е една ваква круцијална професија да биде постојано оставана на маргините и да се занемарува потребата од соодветна правна регулатива. Кадри од овој здравствен профил со завршено високо стручно образование излегоа пред петнаесет години и е факт кој потврдува дека со години проблемите се таложеле и сеуште без решение се провлекуваат низ лавиринтите на ресорното министерство“, реагираат од ЗМСТАС.