ЗМАИ: Потребен е нов начин на финансирање на основните училишта, сегашниот е нејасен и нетранспарентен

Нема рамномерна распределба на буџетите за основните училишта така што голем дел од нив работат без основните потреби. За илустрација, само 57 отсто од училиштата поседуваат спортска сала додека 39 отсто воопшто немаат објект за спроведување на физичко образование. Од друга страна, кај дел од училиштата 60 отсто од просториите остануваат неискористени, иако во други случаи се забележува работење во дури три смени, токму поради немање капацитет.

Овие податоци денеска ги сподели Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ, собрани преку истражување во кое учествувале 48 училишта од 10 општини. Нивните проценки велат дека во основните училишта е потребно да се инвестираат над 20 милиони евра. Но, според нив, има уште еден, поголем проблем – формулата по која се одредуваат средствата за овие училишта.

Сегашниот начин на финансирање на основното образование е недоволно јасен и транспарентен, односно не успева на најсоодветен начин да ги распредели финансиските средства за локалната самоуправа, а со тоа и по основните училишта, забележуваат од здружението.

Според Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ, потребно е да се стави акцент на создавање одржлив систем за финансирање од централната кон локалната власт. Тој посочи дека училиштата се зависни од блок дотациите, иако 70 отсто од овие средства се трошат за плати.

„Тоа значи дека 30 отсто од буџетите кои им се дадени на основните училишта остануваат за тековно одржување, обновување на наставни помагала, практични средства, книжен фонд, организирање манифестации и овозможување на воншколски активности“, забележува Митевски.

„Инвестиции треба да има, но не смееме да дозволиме да се повтори истата грешка како проектот „Компјутер за секое дете“, каде се потрошија 60 милиони евра за набавка на технологија, а при тоа никакви други дополнителни активности не беа вклучени во реализација на тој проект“, додаде тој.

Покрај ова, Митевски забележува дека трошокот по ученик во руралните средини е драстично поголем од оној во урбаните средини.

„Односот на бројот на ученици по наставник во учебната 2000/2001 изнесувал приближно 19 ученици на 1 наставник. Денеска тој број е близу 10, на ниво на цела држава. Сепак ова не значи дека е подобрен квалитетот на наставата. Бројките покажуваат дека зголемениот број на наставници не е следен со реално определување на потребите за вработување на нов наставен кадар. Оттука, реорганизацијата на наставниот кадар е нешто што поскоро треба да го направиме“, порачува тој.

Еден од начините е наставниот кадар да биде преквалификуван.

„Замислете, имаме училишта, и тоа кои се во скопската околина, каде со години се бара дефектолог или службеник кој ќе ја поддржи работата на учениците со посебни образовни потреби, а веќе во тоа училиште ги има десетина и упорно се нема слух за таа потреба“, нагласи Митевски.

Сепак, апелира оваа рационализација да не се сведе на отпуштање или порано пензионирање на кадрите, кои како што посочи, треба да бидат ментори на новите генерации.

Кога станува збор за технолошката подготвеност на училиштата, неговиот колега-истражувач Виктор Стојкоски, истакна дека во просек училиштата располагаат со еден функционален компјутер на 23 ученици. Од аспект на родителите, пак, од вкупно 919 испитаници, 72 отсто рекле дека нивното дете нема пристап до технологија во секојдневната настава.

„Увидовме дека просечната старост на зградите е 57 години, а електричната инсталација во овие училишта е во просек стара 36 години. Дури 65 проценти користат централен систем за греење на нафта, додека само 2 посто поседуваат систем за греење од обновливи извори на енергија“ се дел од податоците кои ги спомена Стојкоски.

Поради ова, тој предлага распределувањето на општинските средства за училиштата да биде унифицирано, односно да се внимава на повеќе фактори како број на училници, нето површина на училиштата и технолошката состојба.

Овие, но и други недостатоци ги забележуваат и од Фондацијата отворено општество кои учествуваа во изработката на истражувањето. Според нејзината извршна директорка Фани Каранфилова – Пановска средствата за основните училишта дефинитивно не ги задоволуваат потребите и не обезбедуваат рамномерен развој и следење на трендовите на настава.

„Знаејќи дека голем дел од наменската блок дотација за образование отпаѓа на платите за наставниците, а при тоа имајќи ги параметри дека самата формула го отсликува соодносот на бројот на ученици и бројот на наставници, очигледно е дека за да можеме поефикасно да ги користиме средствата што ги имаме на располагање, неопходно е да се случи оптимизација на наставниот кадар и веројатно рационализација на училишната мрежа“, смета Каранфилова – Пановска.

Како одговор на овие забелешки, министерката за образование и наука Мила Царовска признава дека формулата за финансирање на основните училишта навистина треба да се менува.

Таа најави повик за општините на ќе можат да се пријават до 10 декември и на кој ќе може да ги искажат своите приоритети за капитални инвестиции, но како што посочи – со подготвен проект и извадена техничка документација за градба. Царовска истакна дека постапката ќе биде транспарентна и јавно достапна, а ќе ги рангираат училиштата според потребите.

„МОН со години наназад носи програма која не може да ја изреализира“, посочувајќи дека досега се потрошиле само 36 проценти од предвидените средства за инвестиции во образованието, со тоа што останатите средства ќе пропаднат.

„За да може да има реализација на овие финансиски средства, мора да имаме целосно подготвена техничка документација пред да ги ставиме проектите или инвестициите во одреден програма со која ќе трошиме пари понатаму“, рече Царовска.

Министерката забележа дека тие немаат податоци во своите регистри за состојбата во којашто се наоѓаат училиштата. Сепак, свесна е дека се уште постојат училишта кои ги немаат минимум условите за настава, како пристап до санитарни јазли и вода.

„Сето тоа укажува дека капиталните инвестиции е потребно да се зголемат за да може општините да ги задоволат основните стандарди кои се потребни за учење“, истакна таа.

Во однос на рационализацијата на кадарот, таа ги отфрли опциите за затворање на училиштата или отпуштање на наставен кадар.

„Јас ве уверувам дека таква можност не постои, затоа што нашите систематизации во училиштата се сведени на наставен кадар, стручна служба и директори и секретари. Ниту има помошна служба, ниту има образовни асистенти, ниту имаме менторска поддршка, ниту супервизорска подршка. Сето тоа треба да се постави од самите наставници и да се реорганизираат училиштата со надополнување на административна и стручна поддршка којашто им е потребна на наставнинот кадар и секако, на раководната структура“, рече Царовска.

Од ЗМАИ забележаа проблем и во доставувањето извештај пред завршување на учебната година. Според Митевски, извештај за работата се доставува по завршување на учебната година за да се искористат информации и да се подобри нешто пред почнување на наредната година.

„Ова значи промена на законското решение дека извештајот треба да се достави до крај или средина јуни по завршување на учебната година со цел МОН и Бирото за развој во образованието да имаат можност да ги искористат податоците и од 1 септември да воведат нови практики и да адресираат проблеми од извештаите“, посочи тој.

Но, за да има технолошки развиени образовни процеси и училишта, Митевски заклучи дека е потребно во овие процеси да се вклучат директно наставниците, учениците, родителитете.

Е.П.