ЗМАИ: Новите формули за финансирање на образованието ќе одговорат на реалните потреби на учениците

Од 1 јануари 2026 година на сила ќе биде новата формула за финансирање на образованието, која ќе алоцира средства според реалните потреби и бројноста на учениците. Владата ги донесе двете формули за финансирање на основното образование и средното образование. Новата формула за финансирање на основното образование се базира на стандардизиран трошок по ученик и се состои од три компоненти: основна, варијабилна и развојна. Целта е да се обезбедат доволно средства за квалитетна настава, тековно одржување, професионален развој и превоз на ученици, наместо најголем дел од дотациите да се трошат исклучиво за плати, велат од Здружението за истражување и анализа ЗМАИ.

„Тимот на ЗМАИ речиси 5 години работи заедно со тимот на Министерството за образование и Министерството за социјална политика, демографија и млади на развојот на формула за подобро финансирање на образованието и детската заштита. Досега образованието се финансираше недоволно и на недомаќински начин, односно недоволните ресурси се трошеа на начин несоодветен на реалната потреба на учениците. Новата формула ќе обезбеди праведно распоредување на средствата, таа ќе обезбеди транспарентно финансирање и ќе зависи од реалните потреби. Министерството за образование по неколку години работа, конечно ја донесе одлуката за воведување на формулата. Нашата комуникација со тимот на МОН беше на редовна основа со цел да се предвидат сите потребни елементи. Во стандардниот трошок по ученик треба да бидат предвидени трошоци за основните потреби на секој“, истакнува Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Според Здружението, предложениот модел предвидува поголема флексибилност, фер распределба на ресурсите и поддршка за подобрување на резултатите во образованието, особено преку развојната компонента која ќе се воведе од 2028 година.

Како што велат од ЗМАИ, во минатото иако постоеле формули за распределба на државните блок дотации, често се одело во насока на „исклучоци од правилата“, коишто овозможувале носење на одлуки за алокација на повеќе или помалку средства според она колку било предвидено во буџетот, а не соодветно на реалната потреба. Ваквото финансирање штети на квалитетот на образованието и детската заштита. Храбар е и чекорот да се деполитизира финансирањето на образованието, преку воведување на формула која во прв план ги става учениците и децата, сметаат оттаму.

„Нашиот интерес како Здружение да влеземе во овој навистина напорен процес и да ги искористиме капацитетите на нашите економисти, истражувачи, статистичари и образовни експерти никогаш не беше само да објавиме препораки за финансирање на образованието. Нашата мисија е да дејствуваме кон промени кои се системски и кои ќе обезбедат носење на информирани одлуки во пракса. Само така нашата работа ќе може да придонесе кон подобрување на системот од кој сите зависиме и во рамки на кој функционираме“, потенцираат од ЗМАИ.

ЗМАИ го спровел процесот со поддршка од Светска Банка и УНИЦЕФ.

„Формулата за финансирање на образованието, подобрувањето на училишната мрежа и донесувањето на новите нормативи и стандарди треба да обезбедат еднакви услови за образование за секое дете. Секако, квалитетот на образованието зависи од наставниот кадар и квалитетот на истиот. Во формулата има простор за обезбедување средства за дообука и доедукација на наставниците и стручниот кадар“, поентираат од здружението.