Злато за Македонија на меѓународниот натпревар „Млади балетски ѕвезди“

Младите македонски балетски таленти се вратија од Романија со златен медал кој го освои Мартина Димовска, како и стипендија за традиционалната летна школа која се организира во градот Бари, Италија.

На реномираниот натпревар „Млади балетски ѕвезди“ кој се одржа од 21 до 23 октомври, покрај Димовска учествуваше и Виолета Карајанова, а двете беа претставнички од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски Луј“, Скопје.

Под менторство на еминентниот балетски педагог Соња Здравкова-Џепароска, Карајанова и Димовска се претставија со класични варијации и модерна кореографија. Виолета Карајанова изведе две варијации на главните ликови од балетите „Заспаната убавица“ и „Ѓаволеста девојка“.

Мартина Димовска ја изведе варијацијата на носечкиот лик Китри од балетот „Дон Кихот“, како и модерна точка во кореографија на извонредниот македонски кореограф Игор Киров.

Жирито беше составено од Штефи Шерцер – директор на Танцовата академија во Цирих, Аманда Бенет – директор на Националното балетско училиште во Базел, Грегор Зајфат – уметнички раководител на Националната школа во Берлин, Јан Броецки директор на Националното балетско училиште во Минхен, Педро Карнеиро – директор на Националниот танцов конзерваториум во Лисабон, Алан Дибруел – кореограф од Велика Британија и Ирена Ситникова од Академијата за балет во Санкт Петербург.

Карајанова за својот настап освои награда – платено учество за меѓународен балетски натпревар во Италија следната година.