„Златниот венец“ врачен на канадската поетеса Маргарет Атвуд

Канадската поетеса, романсиерка, книжевна критичарка и активистка Маргарет Атвуд се закити со „Златниот венец“, најпрестижното признание на Струшките вечери на поезијата (СВП).

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ доделени беа и наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ со што заврши 55-то јубилејно издание на СВП.

Атвуд е 51-от добитник на највисокото признание на фестивалот кое се состои од филигрански изработен лавров венец, а и го врачи претседателот на Управниот одбор на СВП Славе Ѓорго Димоски.

Изразувајќи огромна благодарност, Атвуд прочита стихови од нејзината стихозбирка „Вратата“, објавена во 2007 година.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2016 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшки вечери на поезијата ја доби Иван Џепароски за „Светлината на Света Гора“. Џепароски најави дека паричниот дел ќе го донира за настраданите во поплавите во Скопско и во Фондот за обнова на конаците во Бигорскиот манастир.

На поетесата Руна Светликова од Белгија и беше врачено признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и СВП го доделуваат за најдобар поет-дебитант. Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг читаа и поети од разни страни на светот, а Струга деновиве 55-ти пат е престолнина на поезијата.

Фестивалот беше отворен во средата со традиционално читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга. Деновиве во Струга гостуваат 32 поета од 30 земји од сите континенти и дваесетина македонски.

Во рамки на Струшките вечери на поезјата утре ќе има поетско матине на Матка, а вечерта на плоштадот „Македонија“.