„Златна камера 300“ за француската кинематограферка Хелен Лувар

Осум дена, пет локации, 128 филмски наслови создавани од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми.

Јубилејното 40. издание на фестивалот “Браќа Манаки” синоќа заврши со перформанс, доделување на наградите и проекција на филмот “Манаки – приказни низ фотографии”  на Роберт Јанкуловски.

Традиционалните награди „ Златна камера 300“, „Сребрена камера 300“, „Бронзена камера 300“, „Мала камера 300“ ги додели жирито во состав: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ.

Златна камера 300 доби кинематограферката Хелен Луварт за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“.

-Поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и не’ приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни, сметаат членовите на жирито.

Наградата во име на Хелен Луварт ја прими Ерик Готје, нејзин доглогодишен пријател и колега.

-Се разбира јас не сум Хелен Луварт, се пошегува Готје. Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но и беше исклучен сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која е храбра и се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста. Знам дека би била многу среќна. Не знае дека сум тука и дека ја примам наградата во нејзино име. Му благодарам на жирито, но длабоко му се заблагодарувам на мојот пријател Ед Лакман, рече Готје.

Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“ поради, како што подвлекуваат од жирито, „ квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени. Моќна стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната“.

Кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300“ поради устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото заедно со глаткото движење на камерата, а на Јоланта Дилевска, кинематографер на филмот „Ајка“ и е доделено посебно признание поради интуитивната употреба на камерата- пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик.

-Не можев да допатувам во Битола да бидам вечерва со вас бидејќи го снимам мојот нов филм во Калабрија, но навистина многу ми е драго што ја добив оваа награда и многу сум благодарен. Како и секој филм и овој е колективен потфат и и иако оваа награда ја заслужуваат повеќе луѓе ќе си ја задржам само за себе. Се надевам дека следната година ќе можам да учествувам на фестивалот во Битола со свој сопствен филм, рече Даниеле Ципри во своето видео-обраќање по повод добиената награда.

Мала камера 300 доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен господ“, поради поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната, а посебни признание доби Гијом Ле Гронтек за филмот „ Комбето“ поради употребата на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на боите на експресивен начин.

-Оваа награда многу ми значи, го сакам овој фестивал и во овој момент не би можела да бидам посреќна, ви благодарам, рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на ИФФК „Браќа Манаки.

Златна камера 300 за животно дело доби Јоргос Арванитис. Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. Работел со имиња како Тео Анѓелопулос, Жан Жак Адриен, со Динос Кацуридис, Пантелис Вулгарис, Волкер Шлендорф, Микаел Какојанис, со Жан Пјер и Лик Дарден, Марко Белокио, Агњешка Холанд, Бруно Подалидес, Горан Паскаљевиќ, Марко Ферери…

-Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал која ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде бидејќи моите корени се токму од овде, бидејќи јас сум Влав, рече Арванитис кој се заблагодари уште еднаш на поканата и на укажаната чест.

Наградата на Арванитис му ја врачи директорката на фестивалот Гена Теодосиевска која се заблагодари на целиот тим на фестивалот за поддршката, љубовта и страста за филмската уметност, кој работеше сите овие денови за останатите овој фестивал да го почувствуваат за своја.

-Јас се обидов колку што можам да бидам битолчанка, не е лесно, но еве ќе се обидеме и понатаму да го чуваме духот на Битола, на урбана Битола која го сака филмот и го сака овој фестивал. Им благодарам на сите кои го допреа овој фестивал и до Агенцијата за филм и директорот Горјан Тозија кој со својата поддршка ни помогна да го подигнеме овој фестивал. Тие го покачија буџетот годинава и се надеваме дека и понатаму ќе го покачуваат. Секоја приказна има свој крај, но ние нема да дозволиме ова да биде крај, туку еден нов почеток во пресрет на 41. Издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и се надевам дека оваа сала повторно ќе биде полна со оние кои навистина го сакаат, го обожуваат и го вреднуваат филмот. Оваа година моето мото е „Оние што прашуваат ја носта светлината“, да прашуваме за да донесеме светлина затоа што на сите нам ни е потребна, порача Теодосиевска.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, пак, во својот говор посака да следат уште многу успешни изданија на фестивалот.

И за крајот на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, вечерва, по црвениот килим дојдоа бројни филмски дејци, членови на ДФРМ, претставници на Агенцијата за филм, Општина Битола, вљубеници во филмската уметност и битолската публика – сите во чест на креацијата на најдобрите кинематографери.

За време на изминатите фестивалски денови, на ова 40. издание се славеше јубилејот со најдобрите луѓе во филмската уметност, со Ед Лакман, Љупчо Константинов, Хозе Луис Алкаине, со Џим Шеридан, Рајнер Клаусман, Фатих Акин, со Џон Метисон, Ерик Готје, Роберто Баруеко, Глеб Филатов, Франк Грибе…