„Златен објектив“ на Кинотека за Димитар Грабевски и Елена Дончева

Филмските работници, монтажерот Димитар Грабевски и костимофграфот Елена Дончева се добитници на наградата „Златен објектив“ за 2019 година која Кинотека на Северна Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Наградата ќе им биде врачена на 16 мај во 12 часот во киносалата на Кинотеката.

„Златен објектив“ се доделува по повод роденденот на Кинотеката како признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.

Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков и историчарката и критичарката на филмот Илинденка Петрушева.

Биографии на добитниците на наградата: 

Елена Дончева

Родена во Скопје, 1942. Ликовен уметник, филмски, телевизиски и театарски костимограф. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1967. По дипломирањето работи во Радио телевизија Скопје, а од 1977 година работи како костимограф во Македонскиот народен театар во Скопје, сè до 2001 кога заминала во пензија. Како костимограф има реализирано над 400 театарски, оперски и балетски престави, како и филмови и ТВ емисии, а гостувала и во проекти на сцените во СССР, во Германија и во Франција.

Добитник е на повеќе награди и признанија во земјава и странство: петнаесетина награди за најдобра костимографија на МТФ Војдан Чернодрински; на наградата Јован Бигорски од ДЛПУМ за својата костимографска работа;  на Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад); списанието „Словенски екран“ ја прогласи Елена Дончева за најдобар костимограф во југословенската продукција во 1975 за филмот ЈАД…

Филмографија

1971: Црно семе
1975: Јад
1980: Оловна бригада
1982: Јужна патека
1984: Нели ти реков

1985: Јазол

1997: Преку езерото

2013: Соба со пијано

Димитар Грбевски

Роден во Велес, 1946. Филмски и телевизиски монтажер. Започнува да работи како филмски монтажер во РТВ Скопје во 1965 година. Филмска академија завршува во Загреб (1972). По завршувањето на Академијата, во 1975 се вработува во „Вардар филм“. Од 1992 работи како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје на катедрата за филмска и ТВ монтажа, а во 2011 заминува во пензија.

Грбевски како асистент на монтажа и монтажер учествувал во повеќе од 30 филмови и ТВ филмови и серии.

Награди: 1981, Повелба за долгогодишен придонес, Фестивал на југословенски документарен и краток филм, Белград.

Избрана филмографија:

1971: Ембрио No. M. (монтажер на првиот македонски анимиран филм)
1976: Најдолгиот пат
1976: Австралија, Австралија (документарен)
1977: Исправи се, Делфина
1977: Пресуда
1979: Голгота (документарен)
1979: Дае (документарен)
1981: Црвениот коњ
1983: Ликвидатор (документарен)

1983: Надојдена река (Përroi vërshues / Nabujala reka)
1985: Јазол
1985: Полноќни танцувачи (документарен)
1985: Опасна баба (краток игран)
1988: Сизиф (документарен)
1993: Македонска сага
1993: Светло сиво / Прекрасен свет
1994: Бериќет (документарен)
1994: Чарли Паркер – љубов моја (краток игран)
1997: Џипси меџик
1998: Ливада (краток игран)
2000: Менка (документарен)
2002: Радоста на животот (документарен)

2010: Војната заврши