Македонската олимписка екипа постигна историски успех на најпрестижниот светски математички натпревар – 66та Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2025), што се одржа од 10 до 20 јули во Саншајн Коуст, Австралија. Како што соопшти Сојузот на математичари (СММ), меѓу 630 учесници од 110 држави, Алексиј Тасиќ го освои златниот медал со 35 поени, што претставува само трет златен медал за Македонија во 33-годишното учество на ИМО како независна држава, пренесува агенцијата Мета.
Освен златото, македонскиот тим освои и сребро и три пофалници:
- Дамјан Давков – сребрен медал (30 поени)
- Ивано Божиновски – пофалница (18 поени)
- Леонид Тодороски – пофалница (15 поени)
- Марко Серафимовски – пофалница (14 поени)
Шестчлената репрезентација, во чиј состав беше и Бранко Јангеловски, беше предводена од менторите Илија Јовчески и Мирко Петрушевски, под организација на СММ. Тимот претходно помина едномесечни интензивни подготовки од 11 јуни до 11 јули, вклучувајќи напредни теми од алгебра, комбинаторика, геометрија и теорија на броеви.
Алексиј Тасиќ, кој со златниот медал ја заокружува својата четиригодишна олимписка кариера (со претходно освоени сребро, бронза и пофалница), сега е вториот најуспешен македонски математичар во историјата на ИМО и член на светската математичка елита.
Со освоените поени, Македонија се пласираше на 29 место во вкупниот пласман, зад себе оставајќи голем број поголеми и поподготвени екипи.
Од СММ велат дека овој успех е резултат на континуирана посветеност, квалитетна настава и напорна работа на учениците и менторите.