„Златен Елец“ официјално почнува со работа – независен театар воден од млади актери

Започнува со работа независниот театар „Златен Елец“. Станува збор за уметничко здружение кое го раководат младите невработени актери Бобан Алексоски и Надица Петрова.

Младиот театар веќе има најави за две претстави кои ќе бидат одиграни во програмата на Скопско лето.

Првиот датум е на 10-ти јули за монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски. Инаку до сега има гостувано  во Албанија и низ Македонија и има освоено три награди, а во месец април 2020 година во манифестацијата на Град Скопје Култура во време на корона беше прва изиграна претстава во живо за две социјални мрежи. Претставата по 21 пат ќе биде изведена на отворено во Сули Ан во Скопје за ограничен број на публика.

Официјалната прва премиера на театарот, пак, ќе се одржи на 27 јули со комедијата со работен наслов „Еротика“ во режија на Ѓорѓи Ризески, а играат Бобан Алексоски, Надица Петрова и Никола Кузелов. Актуелна тема на едно „издувано” општество каде што не постојат повеќе никакви вредности.

„Втората премиера е исто речиси готова, но сме спречени да ја одиграме заради забраната за јавни настани во затворен простор, а претставата многу зависи од просторот. Се работи за продолжението на монодрамата – „Дневникот на лудиот 2: Човекојадство“ по текст на Лу Син од истата екипа од првиот дел. Премиерата на оваа претстава ќе се случи веднаш по дозволата за изведба во затворен простор и за ограничен број на публика во Социјалниот центар Дуња во Скопје. Истиот лик сега доживува нова форма на лудило при повторно бегство од лудницата. Мило ни е што оваа едиција што веќе ја имаме е еден вид театарска работилница за лудилото во книжевноста што го опишуваат големи автори како Гогољ и Син“, информираат од театарот.

Третиот проект припаѓа на најмладата публика и ќе се случи во месец август, најавуваат од „Златен Елец“. Се работи за ТВ премиера на претставата за деца „Чувари на планетата“.

„Лекции низ сцени за тоа како да се справиме со сите зла што и се закануваат на Земјата“, велат од театарот.

Кон крајот на летото планираат гостувања со сите претстави што овие два месеци ќе ги промовираат пред публиката.

„Целта е да посочиме светови во време кога само така можеме да избегаме од она што сакаме навистина да избегаме. Во театар, а сега секаде е театар. Само замисли. И дојди“, повикуваат младите актери.