Зимски волонтерски програми на АИЕСЕК

Организацијата АИЕСЕК и оваа зима им нуди на сите студенти можност да заминат на професионална или на волонтерска пракса со времетрање и локација по нивен избор.

АИЕСЕК нуди три програми за пракса: Global Citizen, Global Talent или Global Entrepreneurs.

Global citizen е програма која што им овозможува на сите студенти од 1 до 4 година како и на скоро дипломирани лица да заминат на волонтерска пракса во странство. „Ова неверојатно волонтерско искуство може да трае од 6-12 недели, во зависност од проектот на кој што би сакале да работите. Преку проектите се обработуваат најразлични општествени проблеми кои што го засегаат светот. Најчести тематики кои се разработуваат на проектите се култура, еднаквост, права, здравство, јазици, екологија, општевствено претприемништво итн. Може да изберете една од преку 130 земји каде што оваа програма е застапена“, велат од АИЕСЕК.

Global Talent е програма која што им овозможува на студентите кои што се во завршна година на факултет, штотуку дипломирани студенти, или пак студенти запишани на постдипломски студии кои што не се постари од 29 години, да заминат на професионална пракса во времетраење од 2 до 18 месеци. Преку оваа програма секој студент добива уникатна можност да работи во големи компании насекаде низ светот за одреден паричен надоместок. Студентите имаат можност да изберат во која област би сакале да работат, на располагање им стојат голем број на пракси од областа на маркетингот, ИТ, бизнис администрација, инженерство и држење на настава.

„Сепак доколку сакате да се стекнете со професионално искуство во времетраење од 6-8 недели, додека се’ уште студирате, АИЕСЕК Ви стои на располагање со уште една програма наречена Global Еntrepreneurs. Ова е програма за неплатена професионална пракса во стартап компанија во која било од земјите во која што постои АИЕСЕК.

Сè што треба да направите за да станете дел од некоја од овие програми е да се логирате на веб-платформата http://internships.aiesec.org.mk/ да го пополните својот профил и да започнете со барање на проект на кој што би сакале да волонтирате“, велат од  АИЕСЕК.

АИЕСЕК е меѓународна платформа која им овозможува на младите луѓе да истражуваат и да го развијат својот лидерски потенцијал со цел да се направи позитивно влијание врз општеството. Оваа организација постои во 134 земји во светот и има над 100 000 членови.