„Журкач за стар дел“ – проект за заштита на стариот дел на скопскиот градски парк

Заедницата Журкач неодамна го претстави нивниот проект „Журкач за стар дел“ во која главната цел е заштита и одржување на стариот дел на Градскиот парк во Скопје.

Од иницијативата велат дека проектот е резултат на опсежната анкета спроведена од Журкач во спроведена во крајот на септември и почетокот на октомври кое открило еден критичен проблем – недостатокот на корпи за мал отпад.

„Деталната анализа на анкетите покажа дека мнозинството граѓани како главен проблем во паркот го посочиле недостатокот на корпи за отпадоци. Овој недостаток создаде тешка состојба за животната средина и граѓаните. Одговорот на овој предизвик е проектот „Журкач за стар Дел“ кој има за цел да постави 40 контејнери за мал отпад со капацитет од 30 до 50 литри во клучните области на стариот дел во Градскиот парк на Град Скопје“ велат од Журкач.

Проектот официјално започна во средата и треба да биде завршен во рок од пет месеци. Сумата за проектот се очекува да биде 612 илјади денари и ќе се финансира преку посебен буџет кој ќе се пополни преку настани организирани од Журкач, како и донации од поединци и компании кои сакаат да ја поддржат оваа иницијатива.

Од Журкач започнаа и краудфандинг кампања преку која секој може да ја поддржи нивната иницијатива.

Тие исто така веруваат дека „Журкач за стар дел“ ќе биде дел од некои основни училишта во Скопје каде што ќе ги едуцираат учениците за животната средина и важноста на корпите за отпадоци.