Жртвите на родово насилство остануваат невидливи

Без статистика за жртвите на родово насилство во Македонија, жените кои се подлежни на ваков вид на малтретирање остануваат невидливи за јавноста веќе 20 години. Организациите кои активно работат на покревање на јавната свест за другите форми на насилство, покрај семејното, велат дека состојбата е поразителна. За нејзино подобрување сметаат дека е потребна ратификација на Истанбулската конвенција, која во пракса се залага за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, повеќе шелтер центри и спроведување на законите.

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, истакна дека иако земјава во последните години се соочува со најтешките случаи на насилство, се уште нема изготвено ниту основна статистика.

„Како земја, ние веќе 20 години работевме на семејно насилство, а воопшто не сме фокусирани на родово базираното насилство. Ние воопшто немаме статистика за другите форми на насилство. Невладините организации пробуваат да добијат таква статистика, меѓутоа не може да се смета за доволно веродостојна кога не е од државата. Апелираме дека е потребно веднаш да се работи на тој дел, да се соберат статистички податоци и врз основа на тоа да се предвидат и механизмите за заштита, бидејќи она што досега го имаме како механизам за заштита, очигледно не функционира“, истакна Чаловска.

Додека претставничката на Министерството за правда Тања Кикерекова, потенцираше дека постојат закони кои ги содржат стандардите на Истанбулската конвенцијата и дека се работи на заштитата на жените од насилство, Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност забележа дека се губи време во носење лоши закони.

Запоставувањето на родовото насилство, изјави Тодоровска,  делумно е причината поради која Македонија има пад од педесет места на листата на европски земја во однос на насилството врз жената.

„Владата наместо да го реши родовото и женското прашање, донесе закон за забрана на абортус, донесе закон за трето дете, едноставно немаме исчекор. Ние имаме само четири шелтери во државата, немаме гинеколошки амбуланти во ниту една рурална средина, немаме породилни сали во помали места на живеење и имаме голем број смртни случаи на семејно насилство… сето говори дека немаме услови“, рече Тодоровска.

Според Луиза Винтон, постојана координаторка на УНДП во Македонија, има одреден напредок во однос на семејното насилство со новиот Закон за семејно насилство од минатата година. Сепак, Витон смета дека се уште има доста работа пред законските одредби да бидат имплементирани во пракса.

„Само мал дел од случаите се пријавуваат во полицијата, само мал дел од пријавените случаи се однесени на суд, а само мал дел од тие случаи на суд добиле пресуда. Понатаму, само мал дел од случаите каде имало пресуда се однесувале на нешто повеќе од шлаканица или гребаница. Ова за жал, значи дека родовото насилство, останува невидливо. Затоа, важно е сите да работиме заедно“, рече Витон за време на своето обраќање на денешната конференција за „Заштита и поддршка на жените жртви на родово базираното насилство – моментални состојби и добри практики“.

Таа укажа на резултатите од ново истражување на Европската агенција за човекови права, во кое беа вклучени 42 000 жени од сите 28 земји-членки на Европската Унија. Истражувањето покажало дека седум отсто од жените во Унијата искусиле физичко насилство во период од една година. Тоа значи дека 62 милиони жени се постојани жртви, а 30 милиони жени се жртви на овој вид насилство за само една година.

Амбасадорката на ОБСЕ во Скопје Нина Суомалаинен, нагласи дека Истанбулската конвенција претставува стандард чии мерки треба да ги спроведат сите европски земји. Суомалаинен смета дека државата се уште има работа во решавање на родовата дискриминација, со што се согласи и Мауро Дивероли, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Земјата во 2011 година ја потпиша Истанбулската конвенција, но за разлика од соседните земји, се уште ја нема ратификувано. Покрај Македонија, овој документ со исклучителна важност го немаат ратификувано и држави како Белгија, Германија, Холандија, Норвешка и Велика Британија.

Е.П.