Жртва на силување од Ел Салвадор осудена на 30 години затвор откако роди мртвородено дете

Жртва на силување во Ел Салвадор, која имала само 18 години кога била силувана, е осудена на 30 години затвор за чедоморство откако родила мртвородено дете. Случајот е последен во долга линија на неправди кон бремените жени и жртвите на сексуално насилство во централно-американската држава.

Евелин Беатриз Хернандез Круз, 19, од мало рурално гратче во Кускатлан, источен Ел Салвадор, беше осудена бидејќи не побарала медицинска помош после породувањето, што довело до чедоморство.

Хернандез, средношколка, се породила во тоалет во април 2016 година, откако се почувствувала лошо со акутна болка во стомакот и грбот.

Девојката, која тогаш имала 18 години, била во третото тромесечје, но не знаела дека е бремена. Била повеќепати силувана од член на банда во текот на неколку месеци, како дел од присилна сексуална врска.

Лекарите не можеле да востановат дали фетусот умрел пред раѓањето или после породувањето.

Судијката која го водела спорот ги прифатила тврдењата на обвинителот дека Хернандез свесно не побарала помош бидејќи не го сакала бебето, и го фрлила во тоалетот со намера да го убие. Дополнително, судот смета и дека Хернандез не можела да делува сама и нејзината мајка е веројатно исто така кривично одговорна.

Според Морена Херера, извршна директорка на Граѓанската група за декриминализација на абортусот, пресудата е основана на предрасуди на судијата и обвинителот.

„Пресудата дека Евелин заслужува 30 години затвор покажува како правдата на Ел Салвадор се применува без директен доказ, без доволно докази кои ќе разјаснат што направила жената“, вели Херера.

Ел Салвадор е една од петте држави каде абортусот е сè уште илегален во било која околност, има затворено десетици претежно млади, сиромашни жени за убиство, откако претрпеле компликации при породување.

Абортусот стана нелегален во Ел Салвадор пред 20 години, без никаква јавна дебата или медицинска консултација за последиците. Законот од 1997 година требаше да се смени за ситуации во кои жената е силувана, кога фетусот се смета дека нема да преживее или бременоста претставува сериозен ризик за здравјето или животот на мајката.

Хернандез била уапсена веднаш откако фетусот бил пронајден. Поминала една недела врзана со лисици за болнички кревет, каде ја лечеле од тешка анемија и инфекција на уринарниот тракт, а е во притвор откако ја излекувале.

„Пресудата не е соодветна на доказите приложени на суд. Тоа е одлука основана на морал, не на закон или правда“, вели активистот Денис Муњоз.

Адвокатите ќе приговараат на пресудата, но на Хернандез и претстои долг пат до правдата.