„Жолтите елеци“ утре на протест, француските власти стравуваат од државен удар

По повлекувањето на мерката за покачување на даноците за горива, „Жолтите елеци“ продолжуваат со своите протести, но овој пат со многу повеќе и поголеми барања кои се однесуваат на работата на француската влада.

Властите веќе алармираа за можни нереди во сабота, за кога се најавени новите протести во Париз и уште неколку други градови.

Ајфеловата кула ќе биде затворена, повеќето музеи во центарот на градот, како и речиси сите ресторани и локали на улицата Шанзелизе.

Францускиот премиер Едуар Филип соопшти дека 89.000 припадници на безбедносните сили, вклучително и оклопни возила ќе бидат распоредени низ земјата во сабота, стравувајќи дека демонстрантите ќе тргнат кон елисејската палата да предизвикаат пуч.

„Имаме причини да стравуваме од големи насилства“, стои во предупредувањето од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Движењето „Жолти елеци“ кое почна да протестира пред три недели ги отфрли првите отстапки на владата, меѓу кои, и намалување на даноците за бензините.

Тие соопштија вкупно 41 барање, со кои бараат промена на работното законодавство во корист на работниците и укинување на политиките на штедење, како и ренационализација на јавните служби. Но, платформата опфаќа и општествени прашања, како демократијата и миграцијата.

Протестите на „Жолтите елеци“ ги предизвикаа најголемите нереди во Франција последниве децении. Бројни симболи на градот останаа оштетени од протестите.