Жоакин Феникс и Мартин Шин уапсени на климатски протест во Вашингтон

Најдобриот актер на овогодишните награди „Златен глобус“, Жоакин Феникс и Мартин Шин се последните славни личности кои се приведени од полицијата затоа што биле дел од неделните протести против климатските промени кои ги организира актерката Џејн Фонда.

Од Иницијативата на Фонда потврдиле за Си-Ен-Ен дека двата актери се уапсени, додека од полицијата потврдиле дека пред американскиот Конгрес вчера биле приведени вкупно 147 лица, но не споделувале имиња. Сите од приведените се обвинети за нелегален јавен собир и попречување.

Во својот говор на протестот Феникс ја критикувал месната и млечната индустрија за нивната улога во климатската криза, додека Шин повикал на будење на нацијата за акција за климатските промени.

Вчера беше 14-та недела од протестите за климатска криза на Фонда на кои редовно учествуваат голем број славни личности. Оваа недела протестот бил фокусиран на големите банки и инвеститори кои ја финансираат експанзијата на индустријата за фосилни горива.