Жижек: Во суштина сите сме зли, себични и одвратни

Контроверзниот филозоф Славој Жижек, во новата книга „Диспаритети“, зборува за тоа дека е лош татко, како станува поагресивен и за тоа како пишувањето го спасило неговиот живот. Извадоците од книгата ги претставува Гардијан.

Ние сме сите во суштина зли, себични и одвратни. Земете ја, на пример, тортурата. Јас сум реалист. Ако имав ќерка и некој ја киднапира и доколку го најдам пријателот на киднаперот, не можам да кажам дека не би вршел тортура врз тој човек.

Станав поагресивен со текот на времето. Некои велат дека повеќе сум десничар, што апсолутно не е точно. За бегалската криза, треба да го напуштиме заштитничкото „Тие се добри луѓе“. Не, има убијци меѓу нив, исто како што има помеѓу нас. Либералната левица забранува да се напише нешто лошо за бегалците, што резултира во монополизирање на анти-имиграцијата од десницата.

Не сум добар татко. Има нешто лудо во истакнувањето на моето достоинство, кое го одбивам по автоматизам. Мојот син тинејџер се идентификува со ова подбивање на мојот авторитет. Кога имаше 14 години, бев лут на него и искористив вулгарен израз на словенечки: „Куче да спие со мајка ти“. Тој одговори: „Тоа веќе се случи пред 15 години. Така сум роден“.

Пријателите ме викаат Фидел. Не поради политиката, туку бидејќи многу зборувам. Еднаш ја посетив Куба и на телевизија го прикажаа Фидел Кастро како влегува на состанок со зборовите: „Другари, само пет минути за неколку коментари кои имам да ги кажам“. Легнав да спијам, се разбудив после пет часа, а тој уште зборуваше.

Мразам политички коректна ароганција. Со пријателите црнци, за разлика од политички коректните белци, остварив вистински контакт. Како? Преку навредливи приказни и шеги. Кога посетувате странска земја, играте компјутерски игри за вашата интересна храна или музика, но како вистински се зближувате? Преку размена на мали вулгарности.

Не можам да имам односи за една вечер. Во мојот град, Љубљана, можете точно да видите со кои жени сум имал секс, затоа што се оженив со нив.

Би било хорор да се каже дека ги сакам Исис. Но, видете ја нивната организација со нивниот постмодерен, течен идентитет. Има еманципаторска тенденција во исламот; прекрасен муслимански историчар на филозофијата развил теорија дека Тома Аквински погрешно го прочитал Аристотел, под влијание на исламските поети како Авицена, што го отвориле патот за модернизација, права на хомосексуалците и така натаму.

Моите родители не беа строги, но беа заштитнички настроени. Не ми се допаѓаа. Обајцата починаа во болница во текот на ноќта. Кога дознав за тоа преку телефон следното утро, работев на компјутерот. Реков: „Дали е средено се? Ок, добро“ и продолжив со работа. Бев целосно ладен – нешто не функционираше таму. Не сум премногу среќен поради тоа.

Холивуд знае сè. Опседнати се со дистопии, како во Elysium, или The Hunger Games. Навистина мислам дека тоа е еднa од нашите можни иднини. Младите денес треба да се подготват за голема катастрофа, но преку вклучување во промислени локални секојдневни борби, а не бегство во морализам.

Пишувањето ми го спаси животот. Пред многу години, поради мои приватни љубовни проблеми, неколку недели бев во суицидално расположение. Си реков: „Можам да се убијам, но, имам да завршам текст. Прво ќе го завршам, после ќе се убијам“. Потоа имаше друг текст, повторно и повторно и еве ме уште сум тука.