Жижек: Ја презирам помодната хуманост кон бегалците

Словенечкиот филозоф Славој Жижек изјави дека ја презира помодната хуманост што ја демонстрира Европа кон бегалците и мигрантите, пренесуваат медиумите.

„Ја презирам хуманоста која сега е толку во мода, па и во Словенија“, рекол Жижек во расправата на љубљанскиот „Фестивал на толеранцијата“, кој завршува денеска.

Станува збор за смотра на филмови и настапи на културни работници, мислители и филозофи околу проблемите на мултикултурализмот, кој пред повеќе години го основа хрватскиот филмски актер и продуцент Бранко Лустиг.

„Искажувањето на наклоност кон бегалците стана многу „фенси“, па Словенците се фалеа колку бегалци ќе примат во земјата, се додека бегалците не станаа реалност. Сега, таквите помодни хуманитарци воглавно молчат“, рекол Жижек, кој е познат по своите анализи на општествената реалност, полни со сарказам.

„Мигрантите и бегалците доаѓаат во Европа затоа што стариот континент се уште го гледаат како светилник на демократијата и благосостојбата, но целосното отворање на границите на Европа за милионите мигранти не е решение“, оценил Жижек.

„Бегалците се луѓе како и сите други. И меѓу нив има многумина што се зли, насилни, заостанати и опасни, а за тоа треба отворено да се зборува“, вели Жижек, додавајќи дека големите сили немаат намера да ги запрат војните на Блискиот Исток, затоа што секоја од нив таму ги гледа исклучиво своите интереси.