„Животинска фарма“ од среда во Театарот за деца и младинци

„Животинска фарма“ на Џорџ Орвел во режија на Александра Кардалеска, е најновата претстава на репертоарот на Театарот за деца и младинци.

„Фарма“, која се смета за едно од најважните дела од областа на политичката сатира и е еден од најпознатите романи на Орвел, е преточена во драмски текст од Гај Мастерсон. Како драматург на претставата на Кардалеска се потпиша Драгана Лукан Николоски.

Режисерката вели дека драматизацијата е „дело со возбудлива и богато развиена наративна структура, раскажана во форма на течна и жива нарација“. Претставата, додава таа, има за цел во прв план да ги стави адолесцентите како целна група, а низ низа перипетии, метафори и пресврти да им помогне на младинците да го разберат светот во кој живеат.

„Ова е дело кое е многу значајно за светската современа книжевност. Приказната е инспирирана од вистински настани кои се случуваат во Втората светска војна и се однесува на градењето на сталинизмот и внатре во приказната има ликови кои се соодветни на вистински луѓе“, вели Кардалеска.

„Како што има изјавено и самиот Орвел, со овој роман конечно успеал да го изрази својот стил, кој е доста едноставен и низ него поминуваат две нишки низ еден отвор: политичкото и уметничкото. Поради тоа, не може да не се зборува за политички контекст кој е присутен внатре во самата приказна, но во исто време текстот е многу универзален и актуелен и денес во нашето секојдневие“, додава режисерката.

Во претставата се зборува за борбата за власта и нејзината злоупотребата, и е вметната идејата за една сеопфатна машинерија, современото угнетување и за она што некогаш се викаше пропаганда, а денес се вика политички маркетинг, заклучува Кардалеска.

Актерот Владимир Лазовски, кој во претставата ја толкува улогата на магарето Бенџамин, се надева дека преку претставата ќе направат помладите генерации да сфатат дека текот на историјата може да се смени и дека она што понатаму ќе се случува во политички рамки глобално, не треба да се повторува.

„Се надевам дека конечно животните ќе си завладеат со своите производи, и нема да владее некој друг со производите на нашиот труд. Преку животинската фарма, зборувам за нас луѓето“, вели Лазовски.

Претставата, како што вели директорот на Театарот за деца и младинци Братислав Бато Димитров, е наменета за публика на возраст од седум до 77 години, иако ќе биде прикажувана како најново дело на репертоарот на Младинската сцена. Премиерата е закажана за среда (21.10) во 20 часот, а ќе се игра секоја среда во рамките на Младинскиот театар.