„Живи библиотеки – архиви на граѓанска непослушност“ во Тетово

Денеска во Тетово во рамките на проектот „Живи библиотеки – архиви на граѓанска непослушност“ се организираше дискусиона група насловена: „Како завладува разумот во ситуација кога општеството се наоѓа во пад“. На отворената дискусија присуствуваа претставници од невладини организации, граѓански активисти и граѓани од Тетово.

„Живи библиотеки – архиви на граѓанска непослушност“ во Тетово

Секој од присутните објаснуваше како тој со својот самопридонес може да придонесе кон општествената одговорност. Граѓанскиот активист Филип Јовановски кој воедно е иницијатор на „Живите библиотеки“ истакна дека суштината на проектот е собирање на критична литература која што е битна да се препрочита во денешниот концепт на живеење, се со цел мобилизирање на критичниот дискурс.

„Секоја стара непрочитана книга, може повторно да се препрочита, односно да се оживее и да се извлече поука од нејзината суштина. Денеска ќе се обидеме да продискутираме за локалниот контекст на „Живи библиотеки“, односно за локалните проблематики и начините како би се делувало во иднина, кои книги се важни да се прочитаат за Тетово“ – изјави Јовановски.

20140714_120359Тој исто така додаде дека не треба да се затвориме во сопствените кругови и дека треба рационално да делуваме. На настанот гости беа Бранимир Стојаниовиќ и Ноа Трајстер (учителот незнајко и неговите комити) од Белград кои подолго време работат на собирање на колективна критична мисла. Тие го раскажаа своето искуство во областа на делување на разумот во услови кога општеството не го прифаќа реално.

На крајот од денешниот настан беа избрани тројца од учесниците на дискусионата група кои преку видеа искажаа како локално делуваат и се општествено одговорни. Секој од нив од своја перспектива објасни како во своето работење се обидува да се избори со проблемите и приоритетите со кои се соочува.

Денешниот настан е дел од проектот „Живи Библиотеки – архиви на граѓанската непослушност“ кој е долгорочен кураторски проект кој подразбира процес на собирање и дистрибуирање на литература која се однесува на граѓанската партиципативност, активност и реакција по пат на донации на индивидуалци, претставници на невладиниот сектор, здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градење на отворено и современо демократско општество. Живата библиотека претставува отворена збирка од колективно знаење формирана од страна на самите граѓани. Таа постојано се гради и обновува преиспитувајќи ја идејата што претставува „знаењето“ и како тоа се манифестира во услови на радикални промени во социо-политички контекст.

Б.К.