[Фото] „Живеј со стил – поддржи различности“ ја заокружи својата патувачка мисија во Делчево

Со изложбата одржана во НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево, беше заокружен циклусот на патувачките изложби во рамките на проектот „Живеј со стил – поддржи различности“, во организација на Здружението „Икуалити“.

„Делчево како седми и последен град, беше домаќин на оваа уникатна културна иницијатива и со 32 портрети на лица со попреченост успеа да ја раскаже приказната за силата, инспирацијата и човечките вредност“, соопштуваат од „Икуалити“.

Посочуваат, патувањето на 32 портрети започна на Илинден во Крушево, а потоа изложбата беше прикажана и во Гевгелија, Ресен, Велес, Крива Паланка, Свети Николе, како и Делчево, што според здружението остави длабока трага во секоја средина, носејќи ја со себе силата на различностите како носечка мотивација за подобро општество.

„Со завршувањето на оваа серија изложби, ја испраќаме моќната порака дека секој човек има свое место во културата и уметноста. Гордост ни е што преку уметност испративме порака дека културата е инклузивна и еднаквоста низ целата земја е важна мисија, за која ќе продолжиме да се залагаме и понатаму“, изјави Ружица Стојановска, проектен координатор во „Икуалити“.

Патувачката изложба не завршува тука. Во декември, за време на новогодишната забава организирана од „Икуалити“, во Скопје ќе се одржи завршната изложба, која одново ќе ги прикаже сите 32 портрети и, како што велат, ќе понуди ново визуелно и емоционално доживување за граѓаните на главниот град, кои ќе бидат дел од прославата на уметноста, човечноста и различностите, како и можност да ги обедини на едно место учесниците, поддржувачите и љубителите на високи културно-општествени вредности.

„Со тоа, ‘Живеј со стил – поддржи различности’ не само што го заокружува својот пат низ Македонија, туку поставува темел за идни иницијативи што ќе продолжат да ја промовираат еднаквоста, уметноста и општествената солидарност“, соопштуваат од „Икуалити“.

Изложбите како дел од проектот „Живеј со стил – поддржи различности“ се поддржани од Министерство за култура.