Жителите на Вратница се револтирани од игнорантскиот однос на институциите

Жителите на тетовското село Вратница се револтирани од игнорантскиот однос на институциите кои, како што тврдат, воопшто не се заинтересирани за нивниот проблем. Вратничани бараат да запре проектот за изградба на двете мали хидроцентрали за да се спаси Вратничка река. Апелираат властите да забележат дека тетовското село Вратница постои во едно делче од Македонија.

vratn-2

-Револтирани сме од надлежните институтуции кои игнорантски се однесуваат кон нас. Никој од надлежните не не посетил и не се одзвал на нашите покани за средби, иако ние во повеќе наврати изминативе месеци испративме барања за средби“, наведуваат тие преку соопштение за Радио МОФ.

Додаваат дека нивниот проблем, и по петочниот протест кој заврши во тензична атмосфера, се уште останува нерешен. Уверуваат дека и понатаму ќе ја бранат реката и нивните егзистенцијалните услови за кои веруваат дека ќе бидат нарушени со изградбата на хидроцентралите.

-Дали можеби Владата повеќе ќе се заинтересираше доколку првиот случај на ебола се појавеше во Вратница и дали конечно ќе одговори на нашите барања за средба? – прашуваат жителите на селото.

-Ние како вратничани нема да дозволиме некој да ни го одземе нашето природно богатство и да ги загрози нашите егзистенцијални услови кои меѓу другото ни се загарантирни со закон, децидни се тие.

Реакциите за изградбата на двете хидроцентрали на вратничка река кој се спроведува како владин проект ескалираа во петокот. Тогаш, во раните утрински часови концесионерите со машинерија пристапија кон теренот, но таа беше повлечена од теренот по протестот на селаните што траеше до доцните вечерни часови. Нивното единствено барање е да се прекине проектот бидејќи сметаат дека последиците од изградбата на хидроцентралите се долгорочни и ненадоместливи за жителите на ова тетовско село.

Б.К.