Жителите на Тафталиџе повторно на протест: Се гради надвор од секој еколошки и урбанистички стандард

Погоре од паркот со лулашките, но на истата улица „Букурешка“, жителите од скопско Тафталиџе денеска повторно излегуваат на протест за да го искажат револтот против зградата која „никнува“ во зелен појас.

Парцелата за зградата е веќе оградена со зелени тараби, а локалната граѓанска иницијатива вели дека станбениот објект се гради на несоодветен простор.

„Се работи за зграда на 7 спрата. Растојанието меѓу замислената и нашата зграда е околу 6-7 метри. Тоа е премалку. Тоа е надвор од секој урбанистички, еколошки и хуманистички стандард!  Покрај тоа што градат на приватен простор, инвеститорот докупил уште 630 метри државно, а не градежно земјиште. Тука никогаш немало објект, туку со децении беше зелен појас, паркче. Повеќе има земено од државното, отколку што гради на приватното. Ни ја загрозува животната средина, а истовремено ни го обезвреднува материјалното добро, вредноста на становите ни ја намалува. Наводно ги има сите документи?! Но, кој и на кој начин му дозволи да докупи уште 630 квадрати, а на штета на квалитетот на живот на жителите? Како се ’опремил’ со документите за да бидат алиби за вакво градење!? Како е можно тоа?“, прашуваат од иницијативата.

Граѓани сметаат дека ова е голем проблем, а се повторува низ цела општина. Оттука, прашуваат од каде се сите апели за „Ден на дрвото“, „Засади ја твојата иднина“, сите тврдења дека „на Карпош нема да му фали тревка“, а од друга страна, како што велат, нивниот маалски живот е погребан од бизнис интереси.

„Багерите постојано работат. Но, бараме да се стопираат моменталните активности, да се организира јавна дебата, заеднички сите страни да го разгледуваме ДУП-от, локацијата, документацијата… Од сите аспекти. Ние немаме против да гради на приватно земјиште, но ова е зеленило кое опстојува со години. Јас тука живеам 50 години. И тука отсекогаш било зелен појас. Од каде сега се појавија објекти во ДУП-овите кои ’мораат да се градат’, по секоја цена, а општината да го поддржува тоа со аргумент дека ’и се врзани рацете’?“, прашува граѓанин од Тафталиџе.

Откако се огради простор на „Букурешка“, Општина Карпош на неколку пати периодов велеше дека тоа не е парк, туку се работи за приватно земјиште на кое што претходно имало објект, кој легитимно се гради со сите потребни документи.

„Целокупниот простор зафаќа површина од 3.500 квадратни метри, а пак основата на објектот ќе биде 500 квадратни метри. Предвидено е објектот да има приземје и пет ката“, рекоа од Карпош.

Земјиштето имало вкупно 14 сопственици кои го продале на фирмата „Флорастат“.  Граѓаните како проблем потенцираа дека на градилиштето нема табла со основни информации за тоа што се гради и кои е инвеститор, изведувач, кој врши надзор…

Од Карпош, пак, пред една недела одговорија дека „Самиот инвеститор одлучува за изборот на изведувачот како и за надзорот. Моментално се вршат припремни работи на земјиштето, а инвеститорот се уште нема одлучено кој ќе ги спроведува градежните работи на објектот. По негов личен избор, пред да започне со градба, мора да достави решение во кое ќе ја извести Општина Карпош за изборот на изведувачот и надзорот“.