Жителите на Рим ги заокружуваат уличните дупки за да ги предупредат возачите и да ги засрамат властите

Со жолта и зелена боја жителите на Рим ги заокружуваат дупките на градските патишта во последниов период во иницијатива покрената откако 25-годишна девојка на моторцикл го изгубила животот во сообраќајна несреќа.

Иницијативата била критикувана од сообраќајната полиција во Рим, која ги предупредува граѓаните дека им се заканува казна до 170 евра поради таквите активности и дополнително да ги сносат трошоците за отстранување на бојата.

Оваа акција доаѓа поради проблемот со дупките на патиштата во италијанскиот главен град и по повикот на Грациела Вивиано, чија ќерка загинала по пад од мотор, поради лошата состојба на патот.

Во отворено писмо, објавено од весникот Кориере дела Сера, Вивиано ги повикува возачите на мотори да ги обележат дупките и корењата кои излегуваат од градските патишта, додавајќи дека со спреј кој чини само три евра, нејзината ќерка можеби сè уште би била жива.

Во март, римски обвинител отвори истрага околу уличните дупки во градот по тужба на здружение на потрошувачи. Потоа следеше соопштение од градската власт во кој ветуваат санирање на 50 илјади дупки за кој издвоиле 17 милиони евра, како дел од итните мерки кои требаат да гарантираат сигурност во сообраќајот.

Римските улици се најдоа во светските медиуми и во мај, кога етапа од велосипедската трка „Џиро ди Италија“ мораше да биде стопирана поради „несоодветните услови за возење“ во градот.