Жителите на Лојане сами си изградија селска библиотека, со доброволна акција

Ако не си помогнеш самиот себеси, никој не ти помага. Најверојатно поучени од оваа народна мудрост, жителите од кумановското село Лојане, се одлучија да го реализираат својот одамнешен колективен сон – да имаат селска библиотека. За таа цел, со доброволни прилози и работа, ја подигнаа во дворот на селската џамија .

Носител за реализирање на оваа идеја е селскиот имам Јусуф Зимери, кој вели дека на селото му е неопходно едно вакво место каде што жителите ќе можат да читаат и да трагаат по знаење. Според него, со изградбата на селската библиотека, реализиран е oдамнешниот сон на љубителите на пишаниот збор, кои ги има во голем број во село Лојане.

„Многу мудри глави, кои допринеле за народот, се наши соселани. Со изградбата на библиотеката ќе докажеме дека ова место дише со книгата и со убаво напишаниот збор. Местото каде што ќе се наоѓа библиотеката е значајно за нас заради своето минато: токму тука е отворено првото училиште на албански јазик во селото”, – вели за Нова имамот Јусуф Зибери.

Повеќечлениот Совет кој е задолжен за реализација на оваа иницијатива е задолжен да ги координира активностите со имамот од селската џамија.

“Сите активности се доброволни. Некои селани помагаат со физичка рабoта, други го обезбедуваат инвентарот, ги варосуваат просториите. Накрaтко, секој помага со тоа што може. Ние посакуваме оваа наша иницијатива да биде прифатена и од другите,” – вели за Нова публицистот, Илјаса Салиу.

Оваа иницијатива е дочекана со голем ентузијазам од овдешните ученици. Впрочем, таа најмногу ќе им служи на младите, кои слободното време ќе можат да го поминат во нејзината читална.

“Конечно, во моето село ќе има библиотека каде што ќе може да изнајмиме и да читаме книги”, – рече ученикот од Лојане, Агрон Шаќири.

Извор: НОВА ТВ