Жителите на Центар ќе добиваат по 1,5 денар за рециклирано шише

Со поставување повратни вендинг машини за пластични и стаклени шишиња, ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар ќе ги мотивираат жителите да се вклучат во селектирањето отпад. Притоа, преку општински субвенции ќе добиваат по 1,5 денар за секое рециклирано шише. Како што соопштија од општината, до крајот на 2020 година ќе бидат поставени 27 повратни вендинг машини на цела територија на општина Центар.

„Веќе се набавени 9 машини од планираните 27 и ќе започнеме со нивно поставување на почетокот на месец март. На овој проект работиме повеќе од една година и сметам дека ќе има големо влијание не само на развојот на нашето претпријатие, туку и за подигање на свеста кај граѓаните од потребата за рециклирање“, потенцираше Васко Кичевски, директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Сите жители кои ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад ќе добијат субвенции од општината во замена за пластични и стаклени шишиња. Притоа, за секое шише ќе добијат одреден прилив пари на новата платежна картичка „GreenPay Card“ со која ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и сл, или да плаќаат за услугите кои ги нуди претпријатието.

„За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година и за секое рециклирано шише се обезбедени 1,5 денари, а воедно обезбедени се и средства за останатите 18 повратни вендинг машини. Се надевам дека овој позитивен пример ќе биде еден почеток во кој понатаму ќе се вклучат и другите општини, институции, како и приватни компании, сè со цел Општината, Градот и Република Северна Македонија да ги направиме поубаво место за живеење“ додаде градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тие најавија дека до крај на месецот ќе биде пуштена и нова мобилна апликација на ЈП Паркинзи на Општина Центар која треба да го олесни плаќањето, а преку неа ќе може д се пријавуваат и сите комунални проблеми.