Жителите го блокираат Иловица, министерството вели дека постапуваат по задолжението на Владата

Шеснаесет дена по ред се блокира патот до планираниот рудник во Иловица од локалните жители и активисти, кои периодов постојано бараат одземање на концесијата на „Еуромакс“. Истовремено, министерство за економија за Радио МОФ вели дека „Еуромак Ресоурсис“ има доставено Барање за издавање на дозвола за експлоатација, но истото не ја содржело целокупната документација согласно Законот за минерални суровини.

„Имајќи го во предвид стратешкото значење на локацијата, како и дека станува збор за потенцијален рудник за експлоатација на металични минерални суровини кои се, исто така, од стратешко значење за државата, Министертвото за економија за целокупниот тек на постапката ја информираше Владата која како концедент единствено има право да доделува и да одзема концесии за минерални суровини“, велат од Министерството.

По задолжение дадено од Владата, стои во одговорот до Радио МОФ, Министерството за економија доставило информација за состојбата со исполнетоста на условите за добивање на дозвола за експлоатација на локалитетот „Иловица“ во општина Босилово, по што Владата „донесе заклучок со кој го задолжи Министерството за економија да донесе решение за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација, доколку за тоа се исполнети законските услови, поточно во конкретниов случај доколку не е доставена целокупната документација која се бара согласно Законот за минерални суровини“.

„Истовремено, Владата го задолжи Министерството за економија по донесувањето на Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација, до Владата да достави Предлог-одлука за едностран раскин на предметниот договор за концесија, а следејќи ги одредбите од Законот за минерални суровини. Во моментов Министерството за економија постапува по задолжението дадено од Владата“, се вели во одговорот што стигна од Министерство.

Инаку, еко-активистите од Еко-долина, Здрава котлина и Младите на Штука-Иловица против рудникот денеска соопштија дека се во неизвесност за седница на Владата на која би се донело формално правна одлука.

„Како да им стана навика постојано да го одлагаат решавањето на овој горлив проблем. Ние остануваме на барикадите се додека не се одземе веќе 3 години истечената концесија на Еуромакс Рисорсис, а воедно размислуваме и за интензивирање на протестите како и блокади на важни патни правци“, соопштија еко-активистите.

Тие заедно со блокадата денеска ја чистеа реката и околните пасишта од фрленото ѓубре од несовесни сограѓани.

„Секој ден собираме над 10-ина вреќи најразличен отпад. Се надеваме дека свеста конечно ќе проработи и кај оние кои несовесно ја загадуваат нашата преубава природа. Посебно не радува тоа што секој ден гледаме нови лица помеѓу нас. Иако сме отприлика по околу шеесетина на број, сепак за овие 16 дена се изврвеа на блокадите над 1.000 наши подржувачи од повеќе населени места. Им благодариме за солидарноста!“, се вели во соопштението на активистите.