Жители на Штутгарт го тужат градоначалникот бидејќи загадувањето им штети на здравјето

За да протестираат против опасниот квалитет на воздухот во германскиот град Штутгарт, кој ги надминал границите на ЕУ 25 пати во јануари, двајца соседи поднеле кривична тужба против градските власти.

Една смзнувачка вечер кон крајот на јануари, после нејзиното вообичаено пешачење низ централно соседство во Штутгарт, Сузан Џалоу почувствувала невообичаена кашлица и иритација во грлото.

Џалоу, која има 54 години, живее во Некартор, област крај станбени згради веднаш до прометен пат, Б15, по кој поминуваат околу 100.000 возила секој ден.

Некартор е „жешка точка“ за воздушното загадување, не само во Штутгарт, туку и во целата Германија. ПМ10 честичките често ги има и околу 200 микрограми на кубен метар. Според ЕУ стандардите, највисоката граница за ПМ10 честичките е околу 50µg/m³.

Истата таа вечер, Џалоу ги прочитала податоците на сензорот на нејзиниот балкон, кој го добила како дел од граѓанска иницијатива наречена Luftdaten (податоци за воздухот), и дознала дека забележал 300µg/m³.

Сакајќи да привлече внимание за размерот на проблемот на Штутгарт, Џалоу и нејзиниот сосед Петер Ербен – и двајцата членови на локалниот граѓански форум БИ Иницијатива, поднеле кривична тужба на 23 јануари против градоначалникот, Фриц Кун, и претседателот на областа, Волфганг Реимер. Тужбата ги товари за телесна повреда со смрт како последица (поради воздушното загадување), и недостаток од асистенција.

Случајот веднаш станал интересен за локалните медиуми.

„Сакавме да ставиме акцент на бирократската апатија на градската администрација. Има итна потреба за повеќе проактивни мерки за да се бориме со воздушното загадување. Постоечките се несоодветни“, вели Ербен.

Тој се сомнева дека и други соседства во Штутгарт се во подеднакво голема опасност од ПМ10 и азот диоксид како и Некартор.

„Во моментов, официјалното објаснување е дека само Некартор пати од лош воздух во целиот Штутгарт. Јас не мислам дека тоа е точно“.

Протестирањето на креативни начини против загадувањето во Штутгарт трае повеќе од една деценија. Во есента 2004 година, двајца граѓани побарале отштета за физичка повреда. Градот реагирал преку воведување на забрана за камиони, што направила малку за да се намалат нивоата на ПМ10 честички. Во 2008 година, жител на Некартор поднел друга тужба. Судот пресудил дека не може да се поднесат ефективни мерки за да се справат со лошиот квалитет на воздухот.

Минатата година, Штутгарт ги надминал границите за дозволена количина на ПМ10 вкупно 63 дена, речиси двојно од дозволените 35 дена.

За споредба, измерените количини на ПМ10 во Македонија се далеку поголеми отколку во Штутгарт – 999 во Куманово, 996 во Битола, 885 во Гази Баба, 795 во Карпош и 763 во Ректорат. Ова се највисоките измерени концентрации на штетните ПМ10 честички во воздухот во јануари.