Жители на Карпош поставија бели дробови, ќе покажуваат каков воздух дишат

Неформалното граѓанско здружение „Ние сме Карпош 4“, во соработка со граѓаните од Карпош 3 и Плоштад Слобода, поставија фигури на бели дробови, кај Трговскиот центар „Техника“ во Карпош 3, кои ќе го покажуваат степенот на аерозагадувањето во населбата.

Инсталацијата насловена „Белите дробови на Карпош“, треба да претставува симбол на загадувањето на воздухот како последица на неконтролираното градење и уништување на зелените површини во урбаните средини.

„Инсталацијата има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за неквалитетот на воздухот кој секојдневно го дишеме, а истиот ќе биде дополнително влошен со уништување на зеленилото заради енормната изградба на нови објекти (згради, трговски центри, паркинзи и др) во нашата населба. Уништувањето на зеленилото е последица на „излегувањето во пресрет“ на инвеститорите, при што инветиторите ги интересира само профитот, општината парите од комуналиите (и личните провизии), а крајната цена ја плаќаат и трајните последици ги трпат жителите“, велат од „Ние сме Карпош 4“.

„Овие бели дробови ќе дишат што и ние“, велат од неформалното здружение, а колку нијанси ќе сменат, ќе зависи од степенот на загадување на воздухот во населбата.