Жители на грчките острови номинирани за Нобеловата награда за мир

Жителите на грчките острови кои беа во првите линии за да им помогнат на бегалците се номинирани за Нобеловата награда за мир, со поддршка од нивната влада.

Над 900 000 бегалци кои влегоа минатата година во Европа биле дочекани од локалните жители на грчките острови во Егејското море. Голем број од нив, вклучително и рибари се откажале од својата работа за да се вклучат во спасувачките акции.

Поради ова, еминентни академци од универзитетите во Оксфорд, Принстон, Харвард, Корнел и Копенхаген подготвуваат официјално барање за доделување на престижната награда на локалните жители на островите Лезбос, Кос, Хиос, Самос, Родос и Лерос.

Крајниот рок за номинациите е 1 февруари, но оние кои стојат позади оваа номинација велат дека веќе разговарале со грчкиот министер за надворешни работи кој им ја понудел целата поддршка.