Жители на Брисел нудат засолниште за луѓето кои не можат да се вратат дома

Граѓаните на Брисел кои живеат во близина на метро станиците и аеродромите нудат сместување на луѓето кои немаат засолниште преку социјалните мрежи, после нападите кои ја потресоа Белгија утринава.

Користејќи ги хаштазите #PorteOuverte (отворена врата), #ikwilhelpen (сакам да помогнам), #OpenHouse (отворена куќа) и #BrusselsWelcome (добредојдени во Брисел), неколку жители на градот кој утринава претрпе терористички напад ги повикуваат луѓето кои не можат да се вратат во својот дом да престојуваат кај нив.

„Живеам во близина на Брисел Пласки/Месер, многу близу до продавницата Дијамант. Можам да ги сместам луѓето кои се заглавени надвор“, пишува во еден твит.


„Ако некому му е потребно, #porteouverte #openhouse во Сен Жил. Кафе, чај и друштвени игри!“, вели друг корисник на Твитер.

Луѓето кои живеат во близина на аеродромите исто така ги користат социјалните медиуми за да понудат слободен кревет на луѓето кои нема каде да се засолнат.

„Две спални соби (регионот Бинш) за оние кои останале на аеродромот Шарлроа“, вели еден твитерџија.

Некои корисници на Твитер ја користат платформата за да ги охрабрат и другите да ги отворат своите врати и да ја зголемат свесноста дека на улиците сѐ уште има луѓе кои не можат да си одат дома.

„Ако живеете близу до станица, отворете ги своите врати. Многу луѓе се заглавени далеку од својот дом, без превоз“, пишува еден корисник на мрежата.

За Белгијците кои не можат да се вратат дома, сместување понудија жители на Лондон и Барселона.

Извор: Mashable