ЗХГ: Прифатена иницијативата за дислокација на УСЈЕ

Советот на Град Скопје по 13-часовна седница едногласно ја усвои иницијативата на Зелен хуман град (ЗХГ) за започнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и другите големи индустриски загадувачи надвор од скопската котлина, соопштија од ЗХГ.

Оттаму велат дека за првпат во историјата на Скопје сите политички групи во Советот застанале зад заеднички став во интерес на граѓаните и заштитата на животната средина.

„Со усвоените заклучоци, Град Скопје е задолжен да се обрати до Министерството за животна средина со барање да се испита работењето на „Усје“ и другите големи индустриски капацитети, како и дали ги исполнуваат условите од еколошките дозволи и законската регулатива. Министерството треба во најкраток рок да ги достави резултатите до Градот“, рекоа оттаму.

Дополнително, се бара Државниот инспекторат за животна средина да спроведе серија ненајавени вонредни инспекциски надзори со цел утврдување на фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и дозволените емисии.

„Советот ја задолжи и Општина Кисела Вода, како и останатите општини во рамки на Град Скопје, при изработката на деталните урбанистички планови и идните плански постапки да ги земат предвид наодите и мислењата на надлежните институции, со цел одржливо и усогласено просторно планирање. Градоначалникот на Скопје, пак, е задолжен да се обрати до Владата за да се разгледа можноста за започнување постапка за дислокација на „Усје“ и другите големи индустриски загадувачи на соодветни локации надвор од скопската котлина, во согласност со Законот за животна средина и Просторниот план на државата. Заклучоците ќе бидат доставени до градоначалникот на Скопје, Владата, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и сите општини во состав на Град Скопје“, соопштија од ЗХГ.

Во однос на дислокацијата на Усје, сега Владата е на потег.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздрави одлуката на Советот на Град Скопје за иницијатива за дислокација на тешката индустрија, но предупредува дека дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која би траела со години. Прашањата за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти засега немаат временска рамка ниту финансиска конструкција.

„Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима“, рекоа оттаму.

ДОМ инсистира додека трае процесот на дислокација да се спроведат конкретни мерки кои даваат резултат веднаш како : јавен мониторинг во реално време, временско поместување на ремонтите, стоп за алтернативни горива, задолжително вградување на влажни испирачи, како и жестока контрола на малите оџаци – засилени инспекции и современа опрема за мерења.

Вчера се одржа и протест пред Усје. Од иницијативата „Стоп за Усје“ побараат мерната станица од Кисела Вода – поставена во дворот на Цементарата уште во 2023 – да се стави во функција, да работи 24 часа и да се интегрира во јавните апликации за приказ на загаден воздух.

„Бараме автоматски CEMS мониторинг систем. Ова значи, ако мерната станица на оџаците на Усје покажат над дозволениот праг на загадување, веднаш да добијат казна, по примерот на Safe City. Бараме мерки од Министерство за животна средина за прогласување на вонредна еко-состојба при температурна инверзија и надминување на граничниот праг на дозволено загадување и инстантно стоп на работата на Усје, вклучувајќи ги и рудниците што ги имаат и копаат. Да се елиминираат сите горива со високозагадувачки својства од производниот процес на Усје и да се премине кон гас или водород“, рекоа од иницијативата.

[Фото] Граѓани на протест порачаа „Стоп за Усје“

Меѓу другото, побараа да се акредитира и државната лабораторија за да може да се мери аерозагадувањето, да се поништи одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, како и да се запрат активностите на рудникот за лапорец во склоп на Усје.

„Усје најстрого да се придржува до сите мерки од А-интегрираната дозвола“, нагласи претставникот на „Стоп за Усје“.

На протестот микрофонот одеше од рака во рака, а присутните побараа токму и дислокација на Усје.

„Местото на една фабрика за цемент не е среде главен град, особено не во град лоциран во контлина како Скопје. Котлинската поставеност значи слаба циркулација на воздухот и задржување на загадувачките честички со денови, па дури и недели, диретно над домовите. Сите правила на современото урбано планирање јасно укажуваат дека ваквите капацитети треба да бидат дислоцирани надвор од густо населените средини, со соодветна инфраструктура и контрола, а не да бидат оставени како товар што секојдневно го плаќаат граѓаните со своето здравје“, нагласи Елена Николовска од „Еко-свест“.

Пред протестот се јавија и од „Титан Усје“, од каде рекоа дека работењето на Цементарницата е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Од компанијата тврдат дека последниот инспекциски увид бил извршен на 18 декември, како и ненајавена контрола на 18 ноември, при што во двата случаи било утврдено дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.

Додека „Титан Усје“ посочи дека нема директна поврзаност меѓу работењето на цементарницата и загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, граѓаните од улица најавија уште протести и блокади во наредниот период.

Бојан Шашевски