Според решението објавено пред 30 дена од Секторот за комунални работи од Град Скопје, се одобрува сечење на 113 дрвја во Градски парк во Скопје. Животот на едно дрво нормално е да има крај (дали природен или поради лошо одржување на истото), но мора многу претпазливо да се пристапи кон вака драстично менување на последната скопска оаза – Градскиот парк, соопштуваат од иницијативата Зелен Хуман Град (ЗХГ).
Активистите потенцираат дека, според она што го гледаат на терен, има дрвја кои делуваат здрави и затоа побарале од Град Скопје детално мапирање на секое дрво опфатено со ова решение, како и детално објаснување зошто секое дрво треба да се исече.
„Без разлика дека на нивно место ќе се засадат 300+ нови дрвја не помлади од 6 години, замена на децениски дрвја е невозможна – и за животната средина, и за сенката, и за кислородот и за екосистемот. Затоа на секаква интервенција врз зеленилото од кое и така има огромен недостиг во Скопје, мора да се пристапи премногу внимателно!“, нагласуваат од ЗХГ.
По дискусија со Секторот за комунални работи, добиле покана да ги разгледаат извештаите од шумските инженери за секое дрво, и да направат заедничка обиколка низ Градскиот парк за да се објаснат состојбите и причините за сеча на овие дрва.
„Поканата ја прифаќаме, и штом истата се договори ќе објавиме јавно за секој да може да присуствува на истата“, соопштуваат од ЗХГ.