Женското кооперативно здружување како одговор на насилството и економската несигурност: дискурзивна програма на „Прво па женско 13“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, на 12 јуни (четврток) со почеток во 12 часот, ќе се одржи дебата и промоција на публикацијата „Ткаење солидарност – од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување“. Настанот е дел од програмата на фестивалот за феминистичка акција и култура „Прво па женско #13“, кој оваа година тематски се фокусира на заедничкото дејствување, алтернативните економии и феминистичките одговори на системската нееднаквост.

„Програмата ќе ги отвори прашањата поврзани со женските кооперативи – нивниот историски и современ контекст, предизвиците со кои се соочуваат, но и потенцијалот за создавање одржливи и солидарни заедници во Северна Македонија и регионот. Настанот ќе послужи како простор за презентација на првото истражување за женските кооперативи во земјава, со кое се поставува темелот за подлабинска анализа на можностите за нивно воспоставување, развивање и поддршка како феминистички и економски модели на здружување“, посочуваат организаторите.

Во дискусијата ќе учествуваат истражувачки, активистки и практичарки од различни области:

Лилјана Јоноски, докторандка по меѓународно право, извршна директорка на Рурална коалиција и ко-авторка на истражувањето, која речиси две децении работи на јакнење на жените од руралните средини;

Неда Чаловска-Димовска, магистерка по меѓународно право и експертка за родова еднаквост и антидискриминација, со над 13 години искуство во поддршка на маргинализирани жени;

Сара Миленковска, феминистичка организаторка и истражувачка од Коалиција Маргини, чии истражувања се фокусираат на колективната грижа како политичка практика и отпор кон неолибералната изолација;

Ана Џокич, архитектка и ко-основачка на кооперативи за домување, енергетика и финансирање во Србија и Холандија, која практично ја реобмислува моќта на заедницата;

Сузана Димитриевска, пионерка во органското земјоделство, со фарма што произведува и извезува органски производи, симбол на женско претприемништво и отпорност.

„Настанот има за цел да иницира нови перспективи за развој на модели засновани на солидарност, доверба, грижа и социјална правда. Ќе се постават прашањата: Може ли женското кооперативно здружување да биде простор на ослободување? Дали кооперативноста е патот кон економска правда?“, велат организаторите.

Од таму посочуваат дека присутните ќе имаат можност да слушнат и дискутираат за конкретни примери, практики и визии за иднина во која, како што велат, женската солидарност не е исклучок, туку основа за системска промена.

„Настанот е отворен за јавноста и е особено релевантен за оние кои работат или се интересираат за родова еднаквост, алтернативни економски модели и градење заедници засновани на грижа“, стои во најавата.