Женски книжевен настан во „Сакам Книги – Лептокарија“: разговори за литературата, храброста и женскиот глас

Во книжарницата Сакам Книги – Лептокарија оваа сабота, на 7 март во 12:00 часот, ќе се одржи женски книжевен настан посветен на разговори за литературата, создавањето и улогата на жените во книжевниот свет.

Настанот ќе ги обедини авторки, преведувачки, уреднички и читателки – жени кои стојат зад многу од приказните што публиката ги чита и сака, но и жени кои носат свои силни и инспиративни животни приказни. Во опуштена атмосфера ќе се разговара за пишувањето, креативниот процес, храброста да се раскажуваат лични и општествени теми, како и за значењето на женскиот глас во современата книжевност.

Организаторите најавуваат неформално дружење исполнето со искрен разговор, размена на идеи и споделување книжевни искуства меѓу учесничките и посетителките. Настанот има цел да создаде простор за поврзување на жените кои создаваат и оние кои ја сакаат литературата.

За сите посетители ќе биде обезбеден и дополнителен попуст на книгите, кој ќе важи само за време на настанот.

Организаторите ги повикуваат љубителите на книгата да дојдат, да слушнат интересни приказни, да споделат свои размислувања и можеби да ја пронајдат следната омилена книга.