Светскиот ден на книгата и авторското право ќе се одбележи во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“

По повод претстојниот Светски ден на книгата и авторското право, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје на 22 април (понеделник), со почеток во 12:00 часот, ќе го организира  традиционалниот настан посветен на чествувањето на книгата, авторите и читателите, со подарување книги и рози во холот на Библиотеката.

„За време на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право ќе бидат прочитани светската порака од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле и македонската порака што оваа година ја напиша нашата позната поетеса, пијанистка и композиторка Ива Дамјановски, а извадоци од делата на легендарниот писател Мигел де Сервантес ќе прочитаат дел од дипломатскиот кор на земјава.“, информираат организаторите и додаваат дека на настанот ќе се обратат директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи и амбасадорот на Кралството Шпанија Н.Е. г. Хосе Луис Лозано Гарсија.