„Женска Трка“ по четврти пат во Скопје

Во организација на Сојуз на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје како дел од промотивните трки на Виз Eр Скопски Маратон 2016, на 10 април ќе се одржи четвртата по ред „Женска трка“.

Право на учество имаат припаднички на женскиот пол, без ограничување. Трката од два километри ќе почне од Градскиот парк, кај Школка од 10:30 часот, а половина час претходно ќе има загревање.

„Податокот дека жените имаат многу повеќе обврски а се помалку време за себе, време за вежбање, го зголемува ризикот од разни заболувања. Превенцијата од заболувањата ќе ја започнеме заедно со вежбање. Низ годиниве, успеавме бројот на жени да го зголемуваме и оваа година очекуваме околу 800-1.000 жени да учествуваат во најпозитивната трка во Скопје. Од 2016 година, Женската трка е влезена во календарот на Европската Атлетска Асоцијација“, стои во најавата за настанот.

Рокот за пријавување е 6 април и тоа може да се направи на следниот линк. За учество на трката се плаќа котизација од 100-150 денари. Стартните броеви може да се подигнат во петок од 11-19 часот и сабота од 11-16 часот во Скопје Сити Мол.

По завршувањето на трката, на платото кај Школката ќе има лотарија и прогласување на најдобрите. Секоја учесничка ќе добие стартен број со чип за електронско мерење на време. Трката има натпреварувачки карактер и трите најдобро пласирани во генерален пласман ќе добијат награди, а ќе има награди и за најдобрите три по возрасни категории. По прогласувањето на најдобрите, следува лотарија со извлекување на среќни стартни броеви од сите учеснички.