Женска доминација на БАФТА наградите

Трилерот „Убивањето на Ева“ (Killing Eve) во продукција на Би-Би-Си, со три награди, е победникот на овогодишните телевизиски награди на Британската академија за телевизиски и филмски уметности (БАФТА).

Серијата ги освои наградите за најдобра драма, најдобра актерка (Џоди Комер) и најдобра споредна актерка (Фиона Шо).

„Убивањето на Ева“ е серија која раскажува за испреплетените животни приказни на тајна агентка и жена-платен убиец.

„Долги години сама ги гледав БАФТА наградите од мојата спална соба. Ова е сон и многу сум емоционална“, изјави Комер, која ја игра улогата на рускиот платен убиец Виљанел.

За најдобра мини-серија беше прогласена „Патрик Мелроуз“, а актерот Бенедикт Кумбербач, кој ја толкува главната улога во серијата ја освои наградата за најдобар актер.

Во останатите категории, „Јас сум славен“ победи во категоријата на ријалити шоу, додека „Британија има талент“ ја освои наградата за најдобро забавно шоу.

Целосната листа на наградени може да ја најдете на следниов ЛИНК.