Жените во Северна Ирска добија право на бесплатен абортус во Англија

Жените од Северна Ирска во иднина ќе може да ги користат болниците на државното здравство во Англија за бесплатен прекин на бременоста, соопшти британската Влада.

Северноирките кои поради конзеративните закони во Северна Ирска, многу потешко може да дојдат до правото на абортус и досега патуваа во Англија за да ја извршат целата постапка, но за тоа мораа да платат по најмлаку 1.400 фунти.

Одлуката за ослободување од платен абортус во англиските здравствени установи е донесена по синоќешното гласање во британсккиот Парламент за амандманот што го поднесоа опозициските лабуристи, а зад кои застанаа 50 пратеници од сите парламентарни партии.

Ваквата процедура беше спроведена по итна постапка, поради стравот дека законската измена може да биде блокирана од пратениците на северноирската ултраконзервативна Демократска унионистичка партија (ДУП), кои склучија договор со ториевците на Тереза Меј за поддршка на нејзината малцинска Влада во Парламентот.

Владата во Северна Ирска, која ја предводи ДУП, не прифака целосна легализација на правото за абортус, па иако е дел од Велика Британија, таму и натаму важат многу построги прописи.

Прекин на бременоста е дозволен само во случаи кога е доведен во опасност животот на жената и кога постои закана од привремен или траен ризик за нејзиното физичко или ментално здравје.

Силувањето, инцестот или утврдената абнормалност кај фетусот, не се смета за причина за легален абортус во Северна Ирска.

Во текот на минатата година над 700 Северноирки дошле во Англија за платен прекин на бременоста во некоја од државните болници.