Жените во Иран со одбивање да носат хиџаб во автомобилите отворија национална дебата

Расте бројот на жените во Иран кои одбиваат да носат хиџаб додека возат, поттикнувајќи дебата во земјата за тоа дали автомобилот е приватен простор каде тие можат да се облекуваат послободно.

Задолжителното носење хиџаб е една од основните политики на исламската република уште од револуцијата во 1979 година, но властите се соочуваа со големи проблеми да ја спроведуваат. Многу жени во Иран веќе ги пробиваат границите и очевидците во Техеран велат дека станува вообичаено да се видат жени кои возат со марамите поставени на нивните раменици, пишува Гардијан.

Судири меѓу жените и етичката полиција на Иран особено се зголемуваат во летниот период кога се зголемуваат температурите. Но, и покрај тоа што полицијата редовно ги сопира овие возачи, казнувајќи ги или привремено одземајќи им го возилото, таквите примери на отпор продолжуваат.

Умерениот претседател на Иран, Хасан Рухани, се заложува за почитување на приватниот простор на граѓаните и се противи на пресметката со жените кои не носат хиџаб. Тој отворено има кажано дека работата на полицијата не е да го администрираат исламот.

„Полицијата не може да направи нешто и да каже – го правам ова бидејќи Бог вели така. Тоа не е работа на полицаецот“, изјавил Рухани во 2015 година.

Многумина во Иран веруваат дека во приватен простор влегува и внатрешноста на автомобилот, но судските власти и полицијата се противат на таа интерпретација.

„Невидливиот дел од автомобилот, како багажникот, е приватен простор, но тоа не се однесува на видливите делови од автомобилот“, изјавил минатата недела Хади Садеги, заменик-претседателот на Врховниот суд на Иран.

Неговите коментари предизвикаа многу реакции на интернет, со тоа што еден корисник поставил карикатура на која пар се прегрнува во багажник на автомобил. Додека друг корисник напишал на Твитер: „Полицијата вели дека само багажникот е приватен простор… за жал на оние од нас кои имаат „хечбек“… ние немаме никаква приватност“.

ФОТО: Ројтерс

Локалните медиуми често се воздржуваа од директна критика кон задолжителното носење хиџаб, но дебатата околу тоа што спаѓа во приватен простор овозможи на весниците, па дури и на државните новински агенции да објават информации кои ги одразуваат двете страни на прашањето.

„Приватно или не е приватно? Ова е прашање кое создаде правна и религиска дискусија за приватниот простор во автомобилите“, пишуваше во една анализа од државната агенција Ирна.

Правникот Хосеин Ахмадиниаз, за агенцијата изјавил дека нарушувањето на приватниот простор на граѓаните е идентично како нарушување на нивните граѓански права, тврдејќи дека пратениците, а не полицијата, се тие кои го дефинираат приватниот простор.

Познатиот правник Бахман Кешаварз напиша статија во која тврди дека носењето на таканаречениот „лош хиџаб“ (марама која не е добро поставена на главата), не се смета за нелегален чин според иранското право.

Со овој став не се согласува портпаролот на полицијата, Саеид Монтазарелмахди:

„Она што е видливо за очите на јавноста не е приватен простор и правилата и прописите треба да се почитуваат во автомобилите“, изјавил тој.

Дебатата не се одвива само помеѓу либералните Иранци. Аболфази Наџафи Теграни, свештеник од Техеран, напишал на Твитер:

„Автомобилите, како и домовите на луѓето, се нивна сопственост и приватен простор. И нарушувањето на овој простор би ја повредила моралната безбедност на луѓето и би направило штета на довербата на жените во полицијата“, смета тој.

Дебатата доаѓа по зголемените разлики помеѓу владата и конзервативното судство кои делуваат независно од власта на Рухани.

И покрај рестрикциите, жените сè повеќе се активни во иранското општество. Во неделата беше објавена информација дека националниот авиопревозник Иран Ер, за прв пат поставиле жена на позицијата генерален директор. Рухани е истовремено под притисок од неговите гласачи да номинира рекорден број на женски минстри во реконструкцијата на неговиот кабинет следнио месец.

Како знак на промени во традиционалните норми, поранешниот познат ирански фудбален Али Карими во понеделникот ги повика властите да дозволат на жените навивачи да присуствуваат на стадионите заедно со мажите.